Истече примирјето во Олешки, Украина евакуираше цивили од делови на Херсонската област
Украинската војска соопшти дека вчера евакуирала 167 луѓе од загрозените подрачја на југот на Херсонската област, на денот на истекувањето на привременото локално примирје, два дена откако жителите од градот Олешки, кој е под руска контрола, си заминаа со автобуси.

Шестдневното локално примирје во Олешки и околината беше постигнато со посредство на првата дама на САД, Меланија Трамп, и со учество на папата Лав.
Примирјето истече на полноќ по московско време. Засега нема индикации дека борбите продолжиле од едната или од другата страна.
Тоа беше најдолгата локална пауза во борбите од почетокот на руската инвазија во 2022 година.
Украинскиот комесар за човекови права, Дмитро Лубинец, напиша на социјалните мрежи дека двете страни „во текот на целиот тој период ги почитуваа обврските што ги презедоа“.
Лубинец рече дека тој и Јана Лантратова, руската комесарка за човекови права, „ги истражуваат можностите за продолжување на слични хуманитарни напори. Важно е да се одржи тој механизам на соработка за да можеме да продолжиме да им помагаме на луѓето и да спасуваме животи“.
Претходно, Генералштабот на украинската војска соопшти дека неговите единици, во соработка со локалните власти, „евакуирале 167 цивили на посигурни места во Херсонската област“.
Меѓу евакуираните имало 22 деца, а посебна помош била потребна и за 21 лице со намалена подвижност.
Гувернерот на Херсонската област, Олександар Прокудин, ги повика жителите на претпазливост како што се приближуваше истекувањето на примирјето.
„Ве повикувам и да не заминувате во таканаречените ’црвени зони‘, подрачја и населби во близина на Дњепар. Интензитетот на руските напади таму и понатаму е голем, а заканата за животот е исклучително висока“, напиша Прокудин на Телеграм.
Во Москва, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Русија позитивно ја оценува спроведената операција во Олешки и координацијата на комесарите за човекови права на двете земји.
Папата изјави дека се надева оти руско-украинската соработка во спроведувањето на примирјето во Олешки ќе го отвори патот за пошироки мировни напори.
Меланија Трамп на Х напиша дека примирјето „им овозможило на жителите слобода на движење, пристап до храна, чиста вода и лекови, како и повторно чувство за достоинство, без постојана закана од напади“.






