Истражување на „Преспа институтот“: Пораст на еврооптимизмот меѓу граѓаните, Србија се перципира како најголем пријател на земјава
Соседна Србија е државата која македонските државјани сè уште ја сметаат за најголем пријател на Северна Македонија. Сепак, иако најдобро котира помеѓу земјите од регионот, перцепцијата дека Србија е најголем пријател на земјава е опадната во периодот од мај до декември годинава. Од друга страна, за истиот период е зголемен процентот на граѓани кои ги сметаат Европската Унија, САД и НАТО за најголеми пријатели на земјава. Освен за ЕУ и НАТО, зголемен е и бројот на граѓани кои за најпријателска ја сметаат Русија. Најголема заслуга за демократскиот и економскиот развој на земјава, пак, македонските граѓани ѝ придаваат на Европската Унија
Ова, меѓу другото, се дел од заклучоците на истражувањето на јавното мислење спроведено во ноември и декември годинава спроведено од „Преспа институтот“.
ЕУ доминантен одговор на прашањето која земја или сојуз најмногу придонел за демократскиот и економскиот развој на С Македонија
Освен што се перципира за најпријателска земја, по Европската Унија, Србија е втора на листата на држави или меѓународни сојузи за кои македонските граѓани сметаат оти најмногу придонеле за демократскиот развој на земјава. Сепак, генералната перцепција е дека најголем придонес на ова поле има ЕУ. Одговорот дека Европската Унија е најзаслужна за демократскиот развој на С Македонија го дале 20,2 отсто од анкетираните, а заслугите на Србија по однос на ова прашање ѝ го доделиле 18,1 проценти од граѓаните.
На истото прашање во мај годинава, 22,8 отсто од анкетираните ја посочиле ЕУ како најзаслужна за демократскиот развој на земјава, додека 14,7 проценти од граѓаните како одговор на прашањето ја посочиле Србија.
На анкетирањето во декември годинава голем број од граѓаните, односно 18,9 проценти, рекле дека ниту една држава не придонела за развојот на демократијата во земјава.
Покрај за демократскиот развој, анкетата покажува дека граѓаните најголема заслуга ѝ придаваат на Европската Унија и за развојот на економијата на земјава. На прашањето „Која држава или меѓународен сојуз/унија досега најмногу има придонесено за економскиот развој на Северна Македонија“, 26,9 отсто од граѓаните ја посочиле ЕУ. Во мај годинава истиот одговор на ова прашање го дале нешто помалку, или 21, 2 отсто од испитаниците.
Второрангирана, според перцепцијата за најголем придонес во економскиот развој на земјава, е повторно Србија.
По соседна Србија, граѓаните најголема заслуга за економскиот развој на С Македонија им придаваат на Германија, Соединетите Американски Држави и Турција.
Раст на еврооптимизмот
Перцепцијата дека ЕУ е најдобрата опција за државата од мај до декември годинава пораснала за 9,4 проценти, покажува анализата на „Преспа институтот“. Дека ЕУ е најдобра опција за државава, на анкетата во мај се произнеле 61,2 отсто од граѓаните, а во декември на истото прашање овој одговор го дале 70,6 проценти.
Намалена е и перцепцијата дека земјава треба да бара друга алтернатива наместо членството во ЕУ. На прашањето дали на земјава ѝ треба друга алтернатива во мај годинава потврдно одговориле 34,1 отсто од испитаниците, а во декември овој одговор го дале за десет проценти помалку, односно 24,1 отсто од анкетираните граѓани.