Италијанскиот суд повторно ја блокираше одлуката на Мелони за приведување мигранти во Албанија
Суд во Рим денеска повторно нареди групата мигранти која е притворена во камповите во Албанија да биде преместена во Италија, наведуваат судски извори, што е најнов удар врз планот на премиерката Џорџа Мелони за сузбивање на илегалната имиграција по морски пат.
Одлуката се однесува на 43 мигранти од Египет и Бангладеш кои неделава беа преместени во Албанија откако беа спасени во Средоземното Море, во последниот обид да се спроведе политика чија валидност веќе беше доведена во прашање од судството.
Италијанската десничарска Влада изгради два објекти во Албанија што треба да ги држат мигрантите таму додека се обработуваат нивните барања за азил. Последната пресуда е третпат судиите да наредат враќање на мигрантите во Италија откако првата група беше однесена во Албанија во октомври минатата година.
Италијанските опозициски партии ја поздравија оваа пресуда, која не оди во прилог на Мелони.
-Како што би помислил секој разумен човек, уште една депортација на мигранти во Албанија се сведе на ништо, рече Никола Фратојани, претставник на партијата Зелено-левичарска алијанса.
Два извора изјавија дека судиите одлучиле да го упатат случајот до Европскиот суд на правдата (ЕСП). Во меѓувреме, мигрантите ќе бидат преместени во Италија, најверојатно уште денеска, изјави еден од изворите.