ИВЗ и ДУИ се противат Јени џамијата да биде музеј
ДУИ и Исламската верска заедница (ИВЗ) се огласија со реакции изразувајќи ја нивната „длабока загриженост’ откако Националната установа Завод и Музеј Битола синоќа во градот на конзулите го отвори Музејот на христијанското и исламското културно наследство во Јени џамијата, под која беа откриени и темели на црквата „Св. Ѓорѓи“.
Тоа е и еден од проектите со кои НУ Завод и Музеј Битола го одбележува својот јубилеј – 90 години од формирањето.
Директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Оливера Трајковска, на вечерашното отворање потенцира дека Музејот на христијанско и исламско културно наследство е спој на она што сите треба да го прават во секојдневниот живот – да се спојат преку љубовта, преку молитвата, преку соживотот.
„Јени џамијата и црквата „Св. Ѓорги“ од денеска се Музеј на христијанско и исламско културно наследство. Сите ние како луѓе сме верници без оглед на тоа на кој јазик го молиме Бога, без оглед на тоа со кој збор го ословуваме Бог, дали како Алах или како Господ Исус Христос…Всушност сите ние веруваме и како верници треба да бидеме љубов. Под напливот на глобалистичките трендови со кои што некој се обидува да не раздели и да посее семе на омраза, ние треба да застанеме и да кажеме – не, ширејќи љубов“, посочила директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи при синоќешното отворање на Музејот на христијанско и исламско културно наследство во Битола.
Правна битка за владение
Јени Џамијата се наоѓа во центарот на Битола, на десната страна на реката Драгор, покрај некогашниот Пекмез пазар. Првите археолошки ископување во Јени џамијата кои почнаа во 2003 година во рамките на проектот на „Убикација на средновековна Битола”, покажаа дека таа крие темели на три цркви кои датираат од 7, 11 и 13 век, меѓу кои и некогаш најголемата црква во Битола, „Св. Ѓорѓи“. При ископувањата биле пронајдени два печата, еден сребрен со ликот на Свети Ѓорѓи и друг со ликот на со ликот на Мајката Божја, а за највреден пронајдок се смета пекторалниот медалјон врз кого се изгравирани позлатени фигури на светци.
Џамијата претходно половина век имаше статус на уметничка галерија, а беше затворена откако започнаа ископувањата и реставрацијата. ИВЗ бараше таа да им биде вратена во владение преку процесот на денационализација. Кога во 2003 година почна првите археолошки ископувања на таа локација, од ИВЗ реагираа дека „тоа значи заривање нож во духовното ткиво на муслиманите во Македонија, сквернавење на еден свет духовен објект, негово обесчестување и ширење национална омраза“.
Битолскиот Муфтија, Пелумб Велиу, во 2015 година во разговор за Anadolu Agency (АА) критикуваше дека државата на неправеден и незаконски начин врши узурпација на џамијата.
„Во периодот до 1970 година Јени џамијата служеше како магацин за пченка или депо за нешто друго, се додека не се донесе решение верскиот објект да стане уметничка галерија“, реагираше тој.
Објасни дека ја нашле и тапијата на Јени џамијата но за жал таа не била верификувана, немала печат. Правдата за Јени џамијата ја барале по судовите но без успех, бидејќи судот барал доказ за сопственост. Најавуваа дека ќе ја бараат правдата и пред меѓународни судови.
ДУИ бара да се преиспита одлуката
По синоќешното отворање на Музејот, се огласи ИВЗ, но и ДУИ.
„Демократската унија за интеграција ја изразува својата длабока загриженост поради последната одлука на Владата за активирање на статусот на Јени Џамија во Битола како галерија, занемарувајќи ги верските и историските чувства на една важна заедница во државата“, се наведува во синоќешната реакција од Мала Речица.
„Овој чин, кој продолжува со логиката на еднострани одлуки, е јасен показател за континуираната институционална, етничка и верска деградација што ја карактеризира оваа Влада (…) Во овој контекст, ДУИ ги осудува политиките на Владата што имаат за цел рушење на темелите на еднаквоста и соживотот, претворајќи ги овие теми во политички алатки за поделби“, се наведува во реакцијата на ДУИ.
Оттаму побараа почитување на културното и верското наследство на секоја заедница и итно прекинување на политиките на поделби.
„Одлуките што ги занемаруваат верските и етничките чувства се неприфатливи и немаат место во една демократска и мултиетничка држава (…) Јасно ставаме до знаење дека оваа одлука не е изолиран случај, туку дел од серија активности што ги поткопуваат темелите на мултиетничкиот и мултирелигискиот соживот во Северна Македонија“, реагираше ДУИ, и ги повика „сите вклучени институции да постапуваат одговорно и да ја преиспитаат таа одлука”.
ИВЗ против промена на карактерот на објектот
Стигна и писмо од Исламската верска заедница, кое е адресирано до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, првиот потпретседател на Владата, Изет Меџити, министерот за култура и туризам, Зоран Лутков, НУ Завод и Музеј Битола и до дипломатски претставништва во во Македонија,
„Со длабока загриженост ја примивме веста за отворањето на Јени џамијата во Битола како ‘Музеј на христијанското и исламското културно паследство’. Сметаме дека е неприфатливо за ваков проект да не се консултира Исламската верска заедница, ниту да се бара наша согласност за негова реализација“, се наведува во писмото.
„Ние како претставници на муслиманските верници остро се спротивставуваме на оваа иницијатива Јени џамијата да се претвори во ‘Музеј’ и повикуваме на итен прекин на сите активности поврзани со овој процес (…) Ги повикуваме државните институции на Северна Македонија да прекинат со секое законско овластување кое води кон промена на карактерот на овој културен и верски објект“, порачаа од ИВЗ, со надеж дека нивното писмо ќе придонесе за зачувување на соживотот и мирот, како скапоцени вредности на земјата.
Обновата на Јени џамијата траеше повеќе години во неколку фази, а беше изграден и застаклен под, во и пред џамијата, каде се конзервирани откриените темелите на црквата „Св. Ѓорги”, кои сега ќе можат да бидат видени од посетителите, со што со музејската целина станува значаен дел од туристичката посета на Битола.