Избрани младоженците на 15. издание на Пијанечко-малешевската свадба

– Заврши изборот за брачната двојка која ќе биде главен носител на манифестацијата Пијанечко-малешевската свадба, која годинава по 15-ти пат ќе се одржи во Делчево. Од седум пријавени брачни двојки за учество на реномираната манифестација, стручното жири при Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ одлучи довербата да им ја довери на Игорчо Петровски и Марина Коколанска од беровското село Русиново, на кои по пауза од една година поради пандемијата им се оствари желбата својот брак да го крунисаат во духот на старите свадбарски обичаи.

– Конкурсот траеше 30 дена, имавме пријавени седум брачни двојки од кои оваа година ги избравме Мартина и Игорчо како 15-та двојка на јубилејната Пијанечко-малешевска свадба. Во рамки на манифестацијата ќе опфатиме негде околу 30 обичаи, кои од село во село и од маало во маало во Пијанечко-малешевскиот регион се различни. Како организатори, после ова затишје од корона вирусот ќе се потрудиме да се врати стариот сјај на манифестацијата, која долги години е бренд на овој регион, рече организаторот Зенил Реџепов од КУД „Гоце Делчев“ Делчево.

За самите младоженци Мартина и Игорчо, предизвикот да се биде носител на активностите од реномираната манифестација е повеќе од предизвик, особено кога станува збор за организирање на свадба по некогашните свадбарски адети од Пијанец и Малеш.

– Ни кажаа за свадбата и решивме да се пријавиме и да организираме свадба по старите обичаи. За мене ќе ми биде гордост и чест да ја носам носијата што ја носеле моите баби и прабаби, истакна невестата Мартина Коколанска.

Младоженецот Игорчо Петровски истакна дека им претставува чест што се избрани за 15-ти пар на свадбата, како и дека е предизвик да се биде младоженец на Пијанечко-малешевската свадба.

– Најважно ќе биде секако да ги имплементираме адетите на Малешевијата, додава младоженецот.

Манифестацијата Пијанечко-малешевска свадба годинава ќе биде сублимат од повеќе настани со главен акцент на Меѓународниот музички фолклорен фестивал „Делчево Фест“ кој годинава ќе се одржи по 45-ти пат. Поддржувачи на манифестацијата се општините Делчево, Берово и Пехчево со финансиска поддршка од Министерството за култура.

Back to top button
Close