“Избришете од соопштението дека сум се мешал” Мирчевски со замолница до АВМУ
Јас сум автор и уредник на „Само вистина“, тоа им е јасно на сите кои гостуваат во Канал 5. Вие ме осудувате дека Иван му се мешал на Мирчевски? Ова е класичен оскиморон, но еве, ќе го препишам на вашата неинформираност.
Вака директорот на ТВ Канал 5, Иван Мирчевски, му одговори на првиот човек на АВМУ, Зоран Трајчевски, откако беше објавена реакција за вчерашниот инцидент помеѓу директорот Мирчевски и гостинот Исмет Рамадани.
„Сметам дека реакцијата на АВМУ беше издржана, но претпоставувам поради одреден притисок, мораше да уфрлат дека секое мешање на управителите претставува мешање во независноста и смаостојноста на медиумот. Благодарам за вашата реакција и осудата на ксенофобичниот говор на Рамадани. Но две работи, како прв човек на АВМУ мора да ги знаете: 1. Јас сум автор и уредник на САМО ВИСТИНА, тоа им е јасно на сите кои гостуваат во Канал 5. Вие ме осудувате дека Иван му се мешал на Мирчевски? Ова е класичен оскиморон, но еве, ќе го препишам на вашата неинформираност. 2. Како менаџер – ОДГОВОРЕН сум за секој искажан збор! Дали вчера нотиравте колку закани беа изречени од устата на Рамадани? Забележавте ли сериозен обид за заплашување, замолкнување на нашиот новинар и бестијално ширење на клевета за лажна етничка дискриминација? Како ќе ги толкувате овие зборови на Рамадани: ‘Престанете да ги потценувате Албанците понатаму, ви кажува човек кој е умерен Албанец во сите свои ставови’. Кажете ми, дали вие не гледате навреда кон сите останати македонски Албанци кои се чесни граѓани на Македонија, затоа што Рамадани се претставува како ‘умерен’, а аналогно на тоа – другите се ‘неумерени’? Ве замолувам кога ќе пишувате ваши соопштенија, барем да се држите до основното новинарско правило – да се праша и другата страна. Очекувам корекција на вашето соопштение во делот дека сум се ‘мешал’ во независна уредувачка политика – што е ваш оксиморон, претпоставувам и верувам – ненамерен“, му напиша Мирчевски на Трајчевски.