Изградба на гасен интерконектор меѓу С Македонија и Србија во фокус на разговорите на Мицкоски и Вучевиќ

Изградба и поврзување на двете земји со гасен интерконектор, со кој Србија би добивала природен гас од Грција преку С Македонија, е темата која била во фокус на денешната средба на македонскиот и српскиот премиер Христијан Мицкоски и Милош Вучевиќ во Скопје. Целта на Владата, порача Мицкоски на заедничката прес-конференција, е „да бидеме центар и крстосница на енергетските, железничките и патните коридори во регионот“.

Интерконекторот за гасно поврзување меѓу С Македонија и Грција, пак, како што изјави Мицкоски, е во финална фаза од тендерската постапка, за која изрази очекување дека ќе заврши до крајот на годината.

„На пролет би требало да почне да се гради, но тоа не би значело ништо, доколку овој интерконектор, за којшто зборуваме денеска со премиерот Вучевиќ, не биде во фаза на развој и изградба затоа што – ќе изградиме ние од Грција и ќе заврши кај нас – капацитетот му е 12 милијарди нормални кубни метри, а ние трошиме 0,5 милијарди нормали кубни метри. Што ќе правиме со овие 11,5? Целта е да се инвестира и потоа како транзитна, како стратегиски важна држава да обезбедиме дополнителна опција на Централна Европа од нови 12 милијарди за да има од каде, покрај јужниот проток да има од каде да добијат уште некои количини на гасот“изјави премиерот Мицкоски.

Во овој контекст премиерот ја спомена руската инвазија во Украина со очекување дека во текот на зимата Украина ќе влече големи количини енергенси од Европа, што ќе влијае на драстично зголемување на нивните цени.

„Мораме да го пречекаме ова подготвени. Токму од тие причини ги развиваме овие проекти. Овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен“,додаде Мицкоски.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ го оквалификува како исчлучително значајно гасното поврзување меѓу Србија и С Македонија, односно со Грција.

„Со денешниот Меморандум потпишана е желбата и намерата за одлучноста на двете држави, Србија преку С Македонија да добива уште една линија со снабување со природен гас. Не сакаме да изгубиме ниеден од партнерите, но сакаме да ги прошириме партнерите кои соработуваат во областа на енергетиката што ќе придонесе за енергетска стабилност на нашата држава“,изјави српскиот премиер Милош Вучевиќ на заедничката прес-конференција со Мицкоски.

На средбата на македонската и српската делегација, освен за поврзувањето со гасен интерконектор, се зборувало и за поврзување на двете земји преку нафтовод и брза пруга во рамки на Коридор 10.

Back to top button
Close