Изложба на артефакти, документи, фотографии и снимки од работењето на Младинското радио „Клуб 100“ во Куршумли Ан

– Во Куршумли Ан во Скопската чаршија вечерва, како дел од програмата на Скопско лето ќе биде отворена изложба на артефакти, документи, фоторграфии и снимки од работата на Младинското радио „Клуб 100“, првото независно радио во скопскиот и македонскиот етер. Изложбата е по повод 35 години од започнувањето и 30 години од згаснувањето на работата на радиото.

– Разгледувајќи ги изложените артефакти, документи, фотографии и снимки се потсетуваме на едно минато време, времето на зародиш на новата страница во македонската историја и осамостојувањето, демократизација, плурализам и нов почеток. А дел од тоа време е и Младинското радио „Клуб 100“ во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје, велат организаторите.

Во тек на изложбата ќе има џем сесија со Деан Шкартов (Клержо), Венцислав Смаќоски (Клержо) и Влатко Каевски (Киборг). Потоа ќе следи музика од 80-тите и 90-тите години.

По иницијатива на професорот Слободан Таневски, дел од учениците и професорите од средното училиште „Орце Николов“ во 1986 година започнаа со подготовки за формирање на младинско експериментално радио во рамки на училиштето.

Младинското експериментално радио „Клуб 100“ го имаше своето прво емитување во периодот од 25 до 29 мај 1987 година. Радиото повторно се огласи во скопскиот етер од 6 до 10 јуни 1988 година, а започнува со редовна работа на 30 ноември 1989 година, секој работен ден. Радиото заврши со емитување на програми на 20 јуни 1991 година.

Back to top button
Close