Изложба на Ѓорѓе Јовановиќ и Ден на отворени врати во Францускиот институт во Скопје
Францускиот институт во Скопје денеска ќе ја отвори изложбата „Француски траги – Лична историја на гледањето“ на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ, која ќе биде поставена во излогот на Институтот.

Изложбата претставува лична мапа на влијанија, сеќавања и творечки референци кои француските уметници, поети, музичари, филмски режисери и мислители ги оставиле врз авторот и неговиот начин на гледање и разбирање на светот.
Според организаторите, поставката не претставува преглед на француската уметност, туку интимно сведоштво за личните културни и уметнички траги што ја обликувале авторската перспектива на Јовановиќ.
Во рамки на новата културна сезона, Францускиот институт на 10 септември ќе организира и Ден на отворени врати со целодневна програма посветена на францускиот јазик и култура.
Отворањето е закажано од 17 до 18 часот, а модератор на разговорот со авторот ќе биде Владимир Јанчевски, куратор во Музејот на современата уметност – Скопје.
Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со активностите на Институтот, да се сретнат со уметници и партнери, како и да добијат информации за можностите за изучување на францускиот јазик и образовните програми во Франција.






