Изработен Прирачник за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор

Здружението за еднакви можности Мрежа Стела во рамките на регионалниот проект „Defend the right to be yourself“ со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Франција во Северна Македонија го изработи Прирачникот за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор. Авторка на прирачникот е нашата менторка, професорката Ангелина Станојоска од Правниот Факултет при Битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“.

Брзиот напредок на информатичката и комуникациската технологија сериозно влијае на животот на луѓето. Онлајн просторот стана главен извор на информации, а социјалните мрежи, платформи каде лажните вести и дезинформациите се шират многу брзо. Ова е особено изразено кога дезинформациите и лажните вести се насочени кон чувствителни теми како што се родовата еднаквост и правата на жените.

Во насока на справување со родовите дезинформации како и препознавање и пријавување на формите на дигиталното родово-базирано насилство, Мрежа Стела досега организираше 4 работилници за дигитална самоодбрана, една панел дискусија во Градско на тема „Градиме безбедни простори против насилство – Превенција и заштита од (дигитално) РБН“, како и една студентска конференција во Битола „Дигитална слобода и родова еднаквост: Скини ги синџирите на онлајн насилството“. Работилниците им овозможија на младите да добијат пошироко разбирање за родово-базираното насилство и како да се справат со неговите форми во дигиталниот простор, со акцент на превенцијата, препознавањето и поддршката. Дополнително, ги адресиравме и предизвиците на родовите дезинформации, нивната улога во одржувањето на нееднаквостите и ја нагласивме важноста на дигиталната слобода како средство за постигнување родова еднаквост.

Жените и девојчињата, како и маргинализираните групи и ЛГБТИК+ поединците, често се изложени на лажни информации кои се обидуваат да ги омаловажат нивните ставови, да ги дискредитираат нивните активности и да ги ограничат нивните права. Родово-базираното насилство во дигиталниот простор е специфична форма на насилство насочено кон поединци врз основа на нивниот род, пол или родов идентитет, а се извршува онлајн со користење на дигиталните платформи и е сè поприсутно во денешното време на дигитална ера. Овој тип на насилство им овозможува на сторителите да демнат, вознемируваат, малтретираат и понижуваат со цел да заплашат, замолчат или да искористат.

 

Воедно сведоци сме на сè повеќе случаи на дигитално родово-базирано насилство кога во нашето секојдневие, децата и младите се веќе изложени на една култура на нормализација на насилството и надмоќ на една личност врз друга каде не се почитува согласноста и телесната автономија. Последните случаи на малолетничко сексуално насилство, но и не само тие, го отвараат прашањето како онлајн опасностите, мажосферата и инцел културата влијаат врз младите момчиња и носат до катастрофални последици.

Од друга страна, наместо да се развиваат политики кон зголемувањето на родовата еднаквост, намалувањето на дискриминацијата и подобрувањето на човековите права, нашите пратеници гласаат за исклучување на здравствената едукација и бришење на темите поврзани со родова еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје од Законот за основно образование и Законот за учебници во основно и средно образование. Со ова државата не само што ги негира реалностите со кои се соочуваат младите, туку свесно ги препушта на дезинформации, стигматизација, насилство и дискриминација.

На глобално ниво родово-базираното насилство е препознаено како сериозно прекршување на човековите права и основен проблем што го попречува постигнувањето на родова еднаквост и социјална правда.

Потребно е да се развијат стратегии за зголемување на свеста и заштита од ваквите форми на насилство, како и да се промовираат механизми за идентификување и справување со дезинформации и дигитално насилство врз родова основа.

Овој Прирачник ќе им помогне на читател(к)ите преку практични и теоретски насоки да ги идентификуваат и да се справат со дезинформациите, лажните вести и родово-базираното насилство во дигиталниот простор. Исто така, нуди конкретни совети за заштита од дигитално насилство, процедури за пријавување и заштита и поддршка на жртвите.

Back to top button
Close