Израел сподели со САД разузнавачки податоци за иранските дронови во Украина

Израелскиот претседател Исак Херцог синоќа изјави дека со американските власти споделил информации од израелското разузнавање, за употребата на ирански беспилотни летала во војната во Украина, јави Бета.

Херцог, кој се наоѓа во посета на Вашингтон, вчера се сретна со шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен, а за денеска е закажана средба и со претседателот Џо Бајден, пренесоа француските медиуми.

-Иранското оружје игра клучна улога во дестабилизацијата на нашиот свет, а меѓународната заедница треба да извлече лекција, сега и во иднина, рече Херцог и додаде дека светот треба да заземе цврст став кон Иран со „силни пораки и без компромиси. “

Украина и нејзините западни сојузници ја обвинија Москва дека користи беспилотни летала од Иран во нападите врз Украина.

Иран ги отфрли обвинувањата, додека Кремљ рече дека Западот се обидува да „врши притисок“ врз Техеран.

Back to top button
Close