Израелски историчар: Одвратно е што Бугарите со притисок ја кријат вистината за македонските Евреи

Несомнено е дека Бугарите се одговорни за депортацијата на Евреите од Македонија, тие извршиле злосторство и мора да одговараат. И фактот што вршат притисок врз Македонија за да не ја кажат вистината е апсолутно одвратно, како и фактот дека отвораат културни центри со имиња на соработници на нацистите е целосна навреда за жртвите, како и за Македонија, изјави за „Канал 5“ израелскиот историчар на холокаустот и директор на Центарот „Симон Визентал“ во Ерусалим д-р Ефраим Зуроф.

На прашање за тврдењето на Бугарите дека тие биле само администратори  во земјава за време на Втората светска војна, историчарот рече:

-Извинете што ќе го искористам тој израз, но тоа е срање (bullshit), тотална лага, тие се целосно одговорни за депортацијата на Евреите од Македонија, тие го сторија тоа и треба да чуствуваат вина за испраќање во смрт на овие невини луѓе, жени, деца, стари, чија единствена вина беше тоа што се Евреи – рече д-р Зуроф.

Тој додава дека е многу важно да се идентификуваат луѓето кои се одговорни за депортацијата на Евреите од Македонија.

-Зборуваме за Бугарите, кои ги спасија нивните 50.000 Евреи, не ги депортираа во Треблинка, но од териториите кои ги добија од нацистите, откако се приклучија на силите на оската, територии од Југославија, Грција, Србија, секако и Македонија, тие ги собраа сите Евреи и ги испратија во Треблинка и ниту еден од нив не се врати. Мислам дека се 11.343 од Пирот, од Тракија и од Македонија – вели д-р Зуроф.

Back to top button
Close