Израелски воени авиони фрлале летоци со предупредување дека градот Газа е бојно поле
Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска ги предупредија жителите на градот Газа дека областа сега е „бојно поле“, засилувајќи ги своите воздушни напади против екстремистите на Хамас на палестинска територија.
– До жителите на Појасот Газа: Градот Газа стана бојно поле. Засолништата во северниот дел на Газа и Градот Газа не се безбедни, напиша армијата во летоците фрлени од борбени авиони со апел веднаш да се евакуираат на југ.
Во меѓувреме, израелските медиуми јавуваат дека ракети истрелани од Појасот Газа паднале во градовите Кирјат Оно и Холон во централниот дел на Израел и дека итна помош брза во областа.
Сирените за предупредување за ракети се вклучија во Тел Авив и други градови во централниот дел на земјата и во јужниот крајбрежен град Ашкелон.
Хамас тврди дека истрелал ракети кон Димон, а сирените се огласиле и во регионот Јужен Негев, во близина на градот каде што се наоѓа израелскиот нуклеарен реактор.
Се слушнале неколку експлозии, што укажува на тоа дека ракетите биле пресретнати или паднати на отворен простор.