Извештај на ЕК за владеење на правото: Мешање и притисок врз судството и предупредување дека измените на КЗ пак создаваат простор за неказнивост

Изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за „чистење“ на судиите и на обвинителите, како и дека трпението е при крај и ќе ги стигне правдата, се најдоа во најновиот извештај на Европската комисија за владеење на правото во Македонија.
– Мешањето и притисокот од други државни гранки продолжуваат да предизвикуваат сериозна загриженост за почитувањето на судската независност. Избрани функционери и владини претставници ја засилија личната критика кон судиите и обвинителите, обвинувајќи ги за корупција, а од највисоко ниво на Владата беа дадени изјави за планови за „чистење“ на судството и обвинителството. Овие изјави ризикуваат да ја поткопаат независноста на судството и принципот на поделба на власта. Дополнително, судиите и обвинителите се соочуваат со зголемен притисок преку јавни кампањи за дискредитација, и онлајн и преку медиумите, во кои се вклучени високи извршни функционери и политичари. Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии заеднички издадоа јавна изјава со загриженост за постојаните, неосновани критики кон судството, кои според нив ја поткопуваат судската независност и ги нарушуваат демократските принципи на поделба на власта – се вели во извештајот.
Генералниот заклучок за правосудниот систем е дека неговата ефикасност продолжува да опаѓа, како што се зголемува времетраењето на постапките во речиси сите судски случаи, со исклучок на кривичните. Во Извештајот се наведува дека перцепијата за судска независност во земјава останува многу ниска – 21 процент кај јавноста и 19 проценти кај компаниите, со значително намалување од лани, пред се поради перцепцијата за мешање или притисок од Владата и политичарите, но и од биснис секторот и други интереси.
Во делот на борбата против корупцијата се наведува дека и покрај неодамнешните напори за истражување и гонење на корупцијата, одложувањата на судските постапки, ретките конечни пресуди и ограничените ресурси и понатаму го попречуваат развојот на следење на случаи на корупција на високо ниво.
Јавните набавки остануваат област со висок ризик за корупција, додека јавното здравство продолжува да биде подложно на широко распространета ситна корупција, се констатира во Извештајот. Во делот на борбата против корупцијата опфатени се и политичките партии.
„Ефективниот надзор врз кампањите и финансирањето на политичките партии продолжува да биде засегнат од несоодветното законодавство и недостиг на ресурси во Државната комисија за спречување на корупцијата“, наведува ЕК.
За Антикорупциска пак се наведува дека таа презела чекори за обновување на довербата во неа.
Собранието пак ја подобрило својата ефикасност, но Комисијата констатира додека значителен број закони биле донесени по скратена постапка. Се изразува загриженост и во врска со процедурите за избор врз основа на заслуги, при назначувања на позиции во независни инситуции од страна на Собранието.
Комисијата констатира и дека нема подобрување во финансиската состојба и со човечките ресурси во канецеларијата на Омбусманот и на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, додека спроведувањето на законот за пристап до информции од јавен карактер е недоследно. Во делот на слободата на медиумите се нотира дека новинарите се соочуваат со притисок од политичарите, зголемено онлајн насилство и закани од СЛАП тужби, додека нивните работни услови не се подобрени.






