Каде е судијата Ѓоко Ристов: Пред една недела отишол на боледување, повеќе од еден месец не користи телефон

Потрагата по уште пари од сомнително потекло и докази против осомничениот апелационен судија Ѓоко Ристов продолжува и вчеравечер, според официјалните изјави од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК).

Но МВР и Обвинителството не кажуваат дали е тука судијата Ристов, кај чии родители во Неготино денеска во ѕид од домот беа пронајдени соѕидани 350.000 евра. Овие пари му се без покритие, кажа истрагата.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал доцна вечерва одговорија дека „деновиве јавниот обвинител ќе процени во однос на мерки за обезбедување на присуство на осомничениот“.

САКАМДАКАЖАМ.МК од неофицијални извори дознава дека истражителите прво извршиле претрес во станот на судијата Ристов во Скопје пред околу две недели, но тогаш не нашле ништо сомнително.

Пред една недела тој на работа во Апелациониот суд Скопје им кажал дека е болен и оти ќе замине на боледување. Оттогаш колегите не го виделе. Мобилен телефон престанал да користи од пред месец и неколку дена, откако се отвори истрагата против адвокатот Фехми Стафа за подмитување судија во Скопска апелација односно на Ѓоко Ристов.

Повеќе

Back to top button
Close