Како администрацијата на Трамп регрутира луѓе за ICE
Дојче Веле
Американската имиграциска служба апси и депортира на сите ѕвона. Но, сцените на насилство и убиства предизвикуваат протести низ САД. Како луѓето се регрутираат за оваа служба и каква обука добиваат?

Пред околу една година, Службата за имиграција и царина на САД (ICE) беше една од помалку познатите агенции во земјата. Меѓутоа, откако американскиот претседател Доналд Трамп го започна својот втор мандат, службениците на ICE учествуваа во масовни депортации наредени од владата.
Вкупно, според администрацијата на Трамп, 605.000 луѓе биле депортирани помеѓу 20 јануари и 10 декември 2025 година, а дополнителни 1,9 милиони имигранти наводно доброволно ги напуштиле САД.
Тоа постојано води до конфликти, како овие денови во Минеаполис. Службениците на ICE убија второ лице таму за неколку недели. Снимката сугерира дека американскиот граѓанин бил застрелан во грб од блиску.
Намалено времетраење на обуката
Благодарение на кампањата за регрутирање на Министерството за внатрешна безбедност, која бара „квалификувани патриоти Американци низ целата земја“, бројот на оперативци на ICE се зголеми повеќе од двојно од почетокот на минатата година, од 10.000 на 22.000.
Таквото обемно зајакнување е без преседан во историјата на имиграциската служба, основана во 2002 година. Тоа хо покренува прашањето за проверката и подобноста на кандидатите.
Времетраењето на обуката за работа во ICE беше скратено од шеснаесет на осум недели за потребите на кампањата за регрутирање. Обврската за учење шпански јазик, јазикот на мнозинството нелегални имигранти во земјата, е целосно укината. Агенцијата не одговори на прашањата на DW за практиките на вработување.
Смртоносни инциденти
Загриженоста за квалификациите на службениците на ICE и наводната политизација на агенцијата се зголеми по смртта на двајца американски државјани во Минеаполис.
На 7 јануари, агент на ICE ја застрела и уби Американката Рене Никол Гуд, предизвикувајќи протести низ целата земја.
Повеќе од 10.000 луѓе излегоа на улиците на Минеаполис за да протестираат против повеќекратните инциденти поврзани со ICE – од убиството на Никол Гуд, до киднапирањето на американски државјанин, па сè до притворањето на деца.
А веќе напнатата ситуација беше дополнително влошена од убиството на Американецот Алекс Прити. Тој беше застрелан и убиен од агенти на ICE во Минеаполис во саботата (24 јануари).
„Акцент на квантитет“
„ICE бара кандидати кои исполнуваат одредени услови за подобност и квалификации. Тие вклучуваат државјанство, физичка подготвеност, безбедносни сертификати и, за одредени задачи, образование или искуство во спроведувањето на законот“, изјави за Дојче Веле американската обвинителка Мелиса Хамилтон, која претходно работеше и како полицаец и како затворски чувар.
Таа објаснува: „Во исто време, неодамнешните кампањи за регрутирање ставија поголем акцент на квантитетот отколку на квалитетот, при што се трошат значителни ресурси за пополнување на десетици илјади работни места и создавање стимулации за привлекување што е можно повеќе кандидати“.
Хамилтон, која предава кривично право на Универзитетот во Сари во Англија, вели дека ICE бара кандидати на необичен начин: „Сегашниот пристап варира во обемот и интензитетот на медиумската кампања. Преку необично висок буџет за рекламирање и обемна јавна промоција, се прави обид да се создаде голем број кандидати“.
„Вашингтон пост“ виде документ од 30 страници кој ги проценува трошоците за кампањата, која Министерството за внатрешна безбедност ја нарекува „регрутирање во воено време“, на 100 милиони долари до 2026 година.
На тој обем, кампањата треба да продолжи, бидејќи „Големиот прекрасен закон“ на Трамп му дава на ICE буџет од 170 милијарди долари во следните четири години за гранична безбедност и спроведување на домашниот закон.
Кампања насочена кон базата на Трамп
Меѓутоа, поважна од постерите и слоганите се чини дека е „јавна кампања базирана на податоци“. Многу набљудувачи претпоставуваат дека ICE користи модерни методи и алгоритми за да стигне до целните групи кои ја делат идеологијата на Трамп.
Хамилтон укажува на практиката на таргетирање на луѓето врз основа на географска локација. Да речеме дека Гугл (Google) или она што луѓето го гледаат на Фајесбук (Facebook) и другите мрежи се прилагодува на тоа каде се наоѓаат. Значи, ако се во близина на воени бази, одредени спортски настани или изложби на оружје, тогаш можат да добијат оглас за да се приклучат на ICE.
„Вашингтон пост“ објави дека ICE го преплавува пазарот со реклами на социјалните медиуми и користи инфлуенсери на платформи како „Рамбла“, популарни меѓу поддржувачите на политичката десница.
„Пораката на ICE се чини дека е насочена кон луѓе кои се чувствителни на патриотски и прашањата за национална безбедност во последните кампањи. Се чини дека е дизајнирана да им се допадне на поддржувачите на Трамп и имплицитно ја пренесува пораката „Америка на прво место““, рече Хамилтон.
Сепак, материјалите не ги специфицираат директните политички критериуми за кандидатите. Нововработените се привлечени од бонуси до 50.000 долари и помош при отплата на студентски кредити.
„Кампањата е особено насочена кон луѓе кои се невработени или на несигурно вработување, како и кон луѓе од работничката класа“, вели Хамилтон.
Колку е успешна новата стратегија?
Покрај тоа, од почетокот на годината, старосните ограничувања се укинати. Така, може да се привлече поголем број потенцијални кандидати. Досега, кандидатите мораа да имаат најмалку 21 година. Горната старосна граница, во зависност од задачата, беше помеѓу 37 и 40 години.
Министерството за внатрешна безбедност тврди дека неговите процедури за вработување гарантираат „ригорозни стандарди за обука и оперативна подготвеност“. А Хамилтон вели за успехот на кампањата:
„Успехот зависи од применетите критериуми: ако целта беше значително да се зголеми бројот на вработени, тогаш се чини дека беше успешна. Ако целта беше да се привлечат службеници со многу искуство, резултатот е мешан. Кога станува збор за искуството на новите вработени, постојат загрижености со оглед на барањата за сложена работа во областа на контролата на имиграцијата“.
Министерството смета дека оваа загриженост е неоправдана. „Со овие нови патриоти во тимот, можеме да постигнеме она што многумина го сметаа за невозможно и да го исполниме ветувањето на претседателот Трамп повторно да ја направи Америка безбедна“, се наведува во соопштението претходно овој месец.





