Како ги објаснува коинциденциите во тендерот од 1,1 милиони евра – прашање до министерот Андоновски


Нема позадински договори во јавната набавка вредна 1,1 милион евра за одржување на системот за управување со документи во Министерството за дигитална трансформација, вели ресорниот министер Стефан Андоновски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Според Андоновски, тендерот е спроведен законски, а Министерството, како што вели, нема надлежност да истражува во чија сопственост се фирмите кои ги добиваат тендерите.

Како што објави „Призма“, добитник на тендерот од 1,1 милион евра е фирмата „Нома систем солушнс“, во сопственост на турското акционерско друштво „Нома“. Во Турција, оваа матична фирма дели иста адреса со друга фирма – „Норм Деко“, со која соработувал сопругот на државната секретарка во Министерството за дигитална трансформација, а исто лице е соосновач и претседател на управниот одбор во едната и менаџер во другата компанија.

Андоновски: Имаше и дополнителен коментар дека претставникот во Македонија некогаш имал компанија со посоченото лице коешто вие го кажавте. Видете, не можеме да анализираме кој сè во државата има компании, каде сè тие компании се наоѓаат и дали тие компании имаат или немаат некаква далечна поврзаност, ќе се согласите дека ова е навистина преку седум чекори поврзаност, со определено лице коешто е познато на јавноста. Да е поврзано со некој од комисијата којашто одлучувала, да е поврзано со мене лично, да е поврзано со некој којшто потпишува, склучува договори директно на начин којшто го уредува законот – би прифатил забелешки и би се коригирал.

„360 степени“: Но, истото име се појави и претходно во еден друг случај што го отвори СДСМ, за набавка во вашето министерство на компјутерска опрема и веројатно тоа дополнително го запали црвеното светленце.

Андоновски: Мислам дека не го запали црвеното светленце, затоа што, за жал, до ден-денес немаме одлука на Државната комисија за спречување корупција на ниту еден од овие потенцијални т.н. случаи. Многу е лесно да расфрлате пердуви во јавност и потоа да го потрошам јас моето време или министерството да одговори, што ни е наша обврска – ние ќе го одговориме. Но, проблем е кога немате објективен суд дали нешто е законито или не е законито. Во дадениот случај, ниту вашите колеги, ниту некој друг, ме обвини мене за незаконско постапување. И тоа беше првото прашање коешто го поставив кога првпат слушнав за овој случај – дали нешто е незаконско?

На новинарска забелешка дека корупцијата често е „озаконета“, во случаи кога формално се почитуваат процедурите, во позадина да има некаков договор, Андоновски негира дека сега станува збор за таков пример.

Андоновски: Не би можел да се согласам, затоа што ако постои договор, немало да има и втор апликант, немало случајот пет пати, шест пати да се поништува заради немање доволно документи, или заради некој што не аплицирал, или заради некој што не поднел документи.

„360 степени“: Во дадениот случај мислам дека имаше еден понудувач.

Андоновски: Во петтиот обид. Имаше четири претходни обиди во коишто имаше и други апликанти. Така што, знаете кога работите определена работа, гледате, работите по закон. Надвор од тоа ниту имам мандат, ниту можност да анализирам детали во други институции, во други држави, да вршам проверки и некакви инспекции. Тоа е задача на други институции и јас и во тој момент повикував, повикував и кога СДСМ ги извади овие т.н. случаи – којшто е заинтересиран да пристапи и ние да ги споделиме документите. Уште тогаш споделивме со ДКСК документи, но немаме одговор до ден денес.

Back to top button
Close