Како Илон Маск ми го упропасти сексот
На 29 јануари, Илон Маск објави дека првиот пациент добил имплант од Neuralink, стартапот за мозочно чипови на милијардерот кој ветува детекција на нервни скокови („скокови“ се однесува на активноста на невроните кои користат електрични и хемиски сигнали за испраќање информации до мозокот и понатаму до телото).

Минатата година, американската управа за храна и лекови и одобри на компанијата да тестира имплант на луѓе, правдајќи ја својата одлука со тоа дека технологијата може да им помогне на пациентите да ја надминат парализата и другите невролошки состојби.
Но, кога станува збор за имплантирани интерфејси помеѓу мозок и компјутер и радикалните промени во нашиот начин кои го подразбираат нивното постоење – има многу повеќе причини за сомнеж.
Во основата лежи идејата за директен канал за комуникација, прво помеѓу вмрежениот мозок и екстерен уред, како што е компјутерот, а потоа и помеѓу самите мозоци. Со тоа би се заобиколил развојот на комуникацијата преку изговорен збор, со различни слоеви на посредување меѓу соговорниците – пишување, телеграф, телефон, интернет.
Можноста за директeн линк која ги заобиколува овие дополнителни слоеви не се заснова само на поголема брзина туку и на точност: кога размислувам за нешто, не би морал да ја преточувам мојата мисла во јазични знаци кои брутално го поедноставуваат значењето – мојот соговорник директно би сфатил што мислам.
Како што рече Маск во 2017 година, набргу откако ја основа Neuralink: „Ако сакам да ви пренесам концепт, вие во суштина би учествувале во доброволна телепатија. Не би морале да вербализирате, освен ако не сакате да додадете некој шарм на размената или нешто слично, но разговорот би бил концептуална интеракција на ниво што е тешко да се замисли во моментов.
Проширете ја оваа идеја на доменот на сексот, на пример: можете да зачувате одлично сексуално искуство на клауд за да уживате и подоцна – или, ако не сте премногу срамежливи, можете да го испратите на пријател да го доживее.
Дури и да ја прифатиме изводливоста на споделените искуства, се поставуваат низа прашања.
Првото се однесува на улогата на јазикот во формирањето на нашите мисли и нашиот „внатрешен живот“. Маск претпоставува дека нашите мисли се присутни во нашиот ум, независно од нивното изразување во јазикот, па ако го поврзам мојот мозок директно со мозокот на друг, другиот директно ќе ги доживее моите мисли во сето нивно богатство и нијанси, неискривени од јазичната несмасност.
Но, што ако јазикот, токму во неговата несмасност и симплификација, го генерира неостварливото богатство на нашите мисли? Вистинската содржина на мислата се актуелизира само преку нејзиниот јазичен израз – пред тој израз, мислата не е ништо конкретно, само збркана внатрешна намера. Откривам што сакав да кажам само низ чинот на изговарање.
Ние размислуваме со зборови: дури и кога гледаме и доживуваме настани и процеси, нивната перцепција е веќе структурирана преку нашата симболична мрежа. Кога ќе видам пиштол пред мене, сите значења поврзани со него се ппвеќеструкно симболично детерминирани – јас перципирам пиштол, но специфичен агол на перцепција го дава зборот „пиштол“ што одекнува во него, а зборовите секогаш се однесуваат на универзални појави.
Во тоа лежи парадоксот на симболична повеќекратна детерминираност: кога перципирам вистински пиштол пред мене, зборот „пиштол“ поттикнува богата текстура на значење поврзана со пиштолот.
Она што го ветува BCI, сепак, не е само укинување на јазикот, туку и укинување на човечката сексуалност. Она што ја чини човечката сексуалност е непотребна компликација што го спречува директниот пристап до целта: овде неуспехот (мерен според стандардите на едноставното инстинктивно парење) се одгледува како извор на нови сексуални задоволства.
(…)
А што е со нашите перверзни игри, во кои некој предмет или гест, ограничен на подреден момент на еротска предигра, се претвора во централно обележје, фокус на либиденален интензитет, кој го засенува големиот прокреативен Чин? Зарем оваа димензија на еротско посредување не е загрозена од заканата на директна врска меѓу два мозоци?
(…)
Анализата на Славој Жижек во целост прочитајте ја на Peščanik






