Како лажните вести ја разнишуваат демократијата во Југоисточна Европа
Дезинформациите, лажните вести, полувистините, пропагандата, манипулациите, сензационализмот и кликбејт се секојдневна закана за новинарството. Во Југоисточна Европа, каде политичката поларизација и медиумската контрола често служат за обликување на јавното мислење, овие појави го поткопуваат јавниот дискурс и демократските процеси. Овие предизвици беа во фокусот на дискусиите на Десеттата Конференција за медиуми во Југоисточна Европа (SEEM), каде новинари и експерти од регионот и пошироко споделија искуства за борбата против дезинформациите. Учесниците истакнаа дека новинарите не се само известувачи, туку и бранители на вистината, со задача да се спротивстават на манипулациите што ја загрозуваат слободата на изразување и информираноста на граѓаните.
Лажни вести: алатка за манипулација, а не за информирање
Дезинформациите се намерно ширење на неточни или измислени информации, често со цел манипулација на јавноста, додека лажните вести се фабрикувани приказни презентирани како вистинити, обично за политичка или финансиска добивка. Во Југоисточна Европа, овие алатки се користат за заштита на политичките и економските елити, дискредитација на независните новинари или предизвикување страв и недоверба.
Марија Вучиќ од истражувачката мрежа КРИК објаснува дека во Србија дезинформациите често доаѓаат од медиуми блиски до власта. – Кога работиме на истражувања за корупција или криминал поврзан со високи функционери, често се соочуваме со наплив од лажни вести кои се шират за да го одвлечат вниманието од нашите стории. Еден конкретен случај беше кога објавивме истражување за имотот на одреден политичар – веднаш потоа, провладини медиуми почнаа да шират дезинформации дека КРИК е финансиран од странски агенди за да ја дестабилизира земјата. Таа споменува и конкретен пример поврзан со претседателот Александар Вучиќ. -Објавивме истражување за бизнисите на близок соработник на Вучиќ, кој беше вмешан во сомнителни тендери. Станува збор за компанија што добила државни договори без транспарентна постапка. Веднаш по објавувањето, провладините таблоиди почнаа кампања против нас, обвинувајќи нè дека сме ‘платени од Запад’ за да го дискредитираме Вучиќ, вели таа.
Во Црна Гора, според Милица Ковачевиќ од Центарот за демократска транзиција, дезинформациите се користат за да се поттикне страв, особено за време на избори. – За време на изборите во 2020 година, се ширеа дезинформации за наводни изборни нерегуларности, каде одредени медиуми блиски до тогашната власт тврдеа дека опозицијата подготвува ‘хаос’ и ‘нереди’. Овие лажни вести беа дел од кампања за да се дискредитира опозицијата и да се создаде недоверба во изборниот процес. Таа додава: На пример, една лажна вест тврдеше дека одредена политичка партија планира радикални мерки против етничка група, што предизвика тензии. Овие наративи се шират брзо преку социјалните мрежи, искористувајќи ги емоциите на граѓаните.
Во Босна и Херцеговина дезинформациите често ги продлабочуваат етничките поделби, забележува Рашид Крупалија од платформата „Раксринкавање“. „За време на пандемијата, се ширеа лажни вести за вакцините кои предизвикаа паника. Нашата работа е да ги идентификуваме овие лаги, но предизвикот е да стигнеме до публиката пред тие да се рашират на социјалните мрежи. Един Форто, министер за комуникации и транспорт на БиХ, ја нагласува институционалната димензија. – Лажните вести и дезинформациите се сериозен проблем во Босна и Херцеговина, особено кога се користат за политичка манипулација. Видовме примери каде медиуми, често под контрола на одредени политички структури, шират лажни вести за економски проекти или за меѓународната позиција на земјата, тврдејќи дека некои политики ќе доведат до ‘економска катастрофа’ или ‘надворешна контрола’.
Овие искуства откриваат заеднички модел низ регионот: дезинформациите се користат за заштита на моќните, дискредитација на опозицијата или предизвикување страв, потпирајќи се на емотивни наративи и социјалните мрежи за брзо ширење.
Проверката на факти: оружје против лагите
Фактчекингот е процес на верификација на информации преку споредба со кредибилни извори за да се потврди нивната точност и да се спречи ширењето на дезинформации. Во услови на политичка поларизација и недоверба, оваа практика е клучна, но предизвиците во Југоисточна Европа се значителни.
Марија Вучиќ од КРИК објаснува дека фактчекингот е основа на нивната работа. – Кога објавивме сторија за корупција во една државна институција, провладините медиуми тврдеа дека нашите податоци се измислени. Моравме да направиме детална проверка на секој документ, секоја трансакција и да ги објавиме изворите за да ја докажеме вистината. Во Црна Гора, Милица Ковачевиќ се соочува со слични пречки. – Кога проверувавме тврдења за наводни изборни нерегуларности, моравме да се потпреме на официјални извештаи. Еднаш, кога демантиравме лажна вест за изборна кражба, добивме закани од поддржувачи на одредена партија.
Понекогаш проблем се и колегите. – Кога почнавме со проверка на факти во Црна Гора во 2018 година, наидовме на отпор од колеги новинари, кои нè обвинуваа дека сме ‘цензори’. На пример, кога демантиравме лажни вести за протестите против црковниот закон во 2020 година, некои медиуми тврдеа дека сакаме да го ограничиме слободниот говор. Но, со транспарентност и објавување на сите наши извори, успеавме да изградиме кредибилитет, посочува Ковачевиќ.
Надвор од регионот, Флориан Шмит од Австриската прес-агенција (АПА) ја нагласува улогата на технологијата. „Користиме алатки за вештачка интелигенција за да откриеме сомнителни објави, но новинарите го проверуваат контекстот. Особено важно е ова кај политичките дезинформации, каде често се манипулира со факти, вели тој.
Транспарентноста и технологијата, како што покажуваат овие искуства, се клучни за ефективен фактчекинг, иако притисоците од медиуми и политички актери ја отежнуваат работата во регионот.
Пропаганда: моќта на манипулативните наративи
Пропагандата е систематско ширење на пристрасни или манипулативни информации за промовирање на политичка, идеолошка или социјална агенда, често игнорирајќи ја вистината. Во Југоисточна Европа, таа често се маскира како патриотизам или заштита на националните интереси, користејќи емотивни наративи за да ги дискредитира новинарите или да ги продлабочи општествените поделби.
– Кога објавивме истражување за врски на министер со криминални структури, провладините таблоиди започнаа кампања против нас. Не ги напаѓаа фактите, туку нè претставуваа како ‘предавници’“, посочува Марија Вучиќ од КРИК. – Пропагандата во Србија често се маскира како патриотизам. Кога истражувавме за корупција во одбранбениот сектор, медиуми блиски до власта почнаа кампања дека нашите стории се ‘напад врз националната безбедност’. Ова е пропагандна тактика за да се одвлече вниманието од вистинските проблеми“, појаснува таа.
Во Црна Гора, Милица Ковачевиќ забележува слични тактики. – За време на протестите против црковниот закон во 2020, одредени медиуми тврдеа дека протестите се организирани од странски сили. Пропагандата беше толку емотивно набиена што фактите немаа тежина. Таа истакнува и регионална димензија. – Во регионот, Белград често се појавува на евиденција за дезинформации и пропаганда, особено кога станува збор за политички кампањи што се шират низ Западен Балкан. На пример, забележавме дека многу од лажните вести и пропагандните наративи што ги гледаме во Црна Гора потекнуваат од медиуми или мрежи со седиште во Белград, често поврзани со одредени политички или економски интереси, посочува Ковачевиќ.
За Босна и Херцеговина, Рашид Крупалија укажува на етничкиот аспект. – Пред избори, гледаме медиуми кои шират наративи за ‘загрозеност’ на одредена етничка група. Тоа создава страв. Нашата работа е да ги разоткриеме овие наративи, но публиката често ни е веќе изгубена. Един Форто додава: „Видовме примери каде медиуми, често под контрола на одредени политички структури, шират пропаганда за да ги продлабочат поделбите во општеството. На пример, за време на последните локални избори, имаше кампањи на дезинформации што тврдеа дека одредени политички партии или кандидати се ‘против интересите’ на една или друга заедница.
Пропагандата во регионот често се поврзува со глобални актери за да се зајакне нејзиното влијание. Ковачевиќ објаснува: „Во Црна Гора, за време на дебатите за членство во НАТО, имаше дезинформациски кампањи што индиректно се поврзуваа со руската политика, иако не се споменуваше директно Путин. На пример, во 2017 година, некои медиуми тврдеа дека влегувањето во НАТО ќе доведе до ‘конфликт со Русија’, создавајќи страв кај граѓаните.“ Крупалија додава: „Во Босна и Херцеговина, името на Путин често се користи во пропагандни кампањи за да се оправдаат одредени политички агенди. На пример, за време на мигрантската криза во 2018 година, некои медиуми тврдеа дека Русија, предводена од Путин, ќе ‘застане зад’ одредени локални политичари за да ги заштити од ‘западно влијание’.“
Пропагандата во Југоисточна Европа ги продлабочува поделбите и ги штити моќните, често со регионални и глобални влијанија, правејќи ја борбата против неа особено сложена.
Патеки кон решенија
Борбата против дезинформациите и пропагандата бара комбиниран пристап што ги надминува можностите на самото новинарство. Милица Ковачевиќ ја нагласува важноста на медиумската едукација. „Покрај фактчекингот, работиме на медиумска едукација и писменост. Луѓето мора да научат да препознаат манипулација.“
Флориан Шмит од АПА ја истакнува улогата на технологијата: „Не може човек сам да се справи со лавината од лажни информации. Соработуваме со ИТ експерти и социјални мрежи за побрза реакција.“
Рашид Крупалија од „Раксринкавање“ повикува на регулаторна поддршка без цензура: „Треба да се креира амбиент каде вистината се вреднува, а дезинформацијата има последици – но не по цена на слободата на изразување.“ Форто додава: „Како министерство, ние работиме на поддршка на иницијативи за медиумска писменост и соработка со организации како ‘Раксринкавање’ за да се бориме против овие наративи.“
Овие решенија – медиумска едукација, технологија, регионална соработка и регулаторна поддршка – нудат пат кон поотпорно општество против дезинформациите и пропагандата.