Како тимот за училишна интеграција и грантовите за меѓуетничка интеграција резултираа со приредба за УЧК

Редовно учество и добитник на грант од Министерството за образование за меѓуетничка интеграција во образованието”. Ова е една од придобивките со кои се фали Централното основно училиште „7 Март” од село Челопек, Општина Брвеница, на неговата официјалната веб страница.

Нема податок колку средства по таа основа досега се влеале во училиштето. Но, очигледно е дека поддршката траела повеќе години, бидејќи добиените грантови од МОН се наведени со други активности кои се одвивале „​осум години по ред“. И покрај тоа, резултатот од начинот на кој училиштето инвестирало во градење на меѓуетничката интеграција е повеќе од скандалозен.

Малолетни ученици во униформи на УЧК, со пластични пушки во рацете, кои во рамки на кореографијата (додека пее ученичка) час маршираат, час војнички отпоздравуваат или клекнуваат со пушки вперени „на готовс” – е еден од настапите на школската приредба одржана во ова училиште на 28-ми ноември.

 

 

Етички кодекс на хартија

Иако по објавеното видео од приредбата на 28-ми ноември, изгледа дека во „7 Март“ ниту постои ниту функционира етички кодекс, од училиштето во Годишната програма пишуваат дека го имаат.

„Училиштето има изготвено Кодекс на однесување за наставници, учениици и родители кои се истакнати во училиштето и ќе настојуваме истите да се почитуваат и повремено да се иновираат врз основа на ново настанати ситуации и потреби. Со овој кодекс сите се обврзуваат, со својата чест, дека ќе се придржуваат кон овие определби и норми како составен дел од својата професионална работа. Односите во училиштето се градат врз основа на достоинството и самодостоинството. Сите меѓусебно се почитуваат. Никој не навредува и не повредува друг. Во училиштето нема место за насилство, притисок и поткуп. Не е дозволена корупција, морално и сексуално злоставување. Туѓи ни се невоспитаноста, непристојноста и секој вид неморално и нечесно однесување – воопшто однесување кое е спротивно на граѓанските и етички и морални вредности“, се наведува во програмата на училиштето.

Како една од редовните активности на училиштето е посочена „Културно – уметничка манифестација по повод денот на знамето ’28-ми Ноември'”. Покрај добиените грантови од МОН за меѓуетничка интеграција во образованието, потенцираат дека „во рамките на меѓуетничките активности, Центарот за толеранција и доживотно учење (невладина организација – н.з.) со седиште во Скопје го избрало нивното училиште како единствено што ќе го претставува делот од Западна Македонија”.

 

Тим за училишна интеграција

Меѓуетничката интеграција се спомнува на повеќе места во Годишната програма на училиштето за учебната 2024/2025 година. Во делот „Мисија и визија”, се наведува дека училиштето „ја продолжува традицијата за воспитание и образование, затврднување на мултиетничката клима во училиштето”.

„Една од најблагородните професии на човештвото е учителствувањето. Така со слоганот: ‘Учам секој ден за да можам утре да подучувам’, ние тежнееме кон оспособување на учениците за самообразување и образување на други од нивна страна“, е наведено во програмата. Во делот „Унапредување на мултикултурализмот/интеркуртуларизмот и меѓуетничката интеграција”, пишува дека училиштето „е етнички мешана македонско-албанска средина и за да се развие и негува мултикултурализам се води грижа во реализацијата на сите активности да се вклучат и учениците од сите етнички групи со цел  меѓусебно запознавање, и почитување на различностите”

Во програмата се вели и дека активностите од меѓуетничката интеграција во образованието се составен дел од планирањата на наставниците и стручните соработници, при што е наведен и составот на тимот за училишна интеграција, на чие чело е директорот на училиштето. (Dw)

Back to top button
Close