Камбовски: Јас сум против намерата на премиерот Мицкоски за целосно распуштање на Судскиот совет
„Точно е дека има критики коишто се засилени во последно време, но не можам да кажам дека и меѓународниот фактор е критичен спрема тоа што се прави во моментов во правосудниот систем. И самите граѓани беа сведоци во спротивното, дека меѓународниот фактор даде поддршка на Судскиот совет да работи согласно законите и даде поддршка на него како на независна власт, едно од трите власти коишто нашиот Устав ги препознава и на којшто се темели нашата демократија“, вели за „Трилинг“, претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски околу податокот дека македонскиот правосуден систем подолг период нижи сериозни критики од меѓународните партнери, но и од владејачката гарнитура.
Околу намерите на Владата, како распуштање на Судскиот совет, иницирањето на интерпелации за судиите кои беа избрани од страна на Собранието, Камбовски вели здравата критика е добра и таа треба да постои во државата.
„Треба да се критикуваме, за да увидиме доколку нешто навистина сме погрешиле тоа да го исправиме и во иднина да не ни се случуваат повторно исти грешки и пропусти. Кога се критикуваат властите помеѓу себе (извршна, судска, законодавна) треба да се особено внимателни, да внимаваат на нивниот интегритет, никогаш да не забораваат дека судската власт е независна власт која што е гарант на слободата и правата на граѓаните и дека е гарант на владеењето на правото, што е една битна алка и што е суштина во она што значи демократија и демократска држава“, вели Камбовски
(Трилинг.мк)