Камерен концерт „Бетовен за пијано“ на Мариа Летиција Микиелон на Скопско лето

Камерен концерт под наслов „Бетовен за пијано“ на Мариа Летиција Микиелон од Италија ќе се одржи вечерва во рамки на Скопско лето со почеток во 20:30 часот во Салон 19’19 (Културно информативен центар), соопшти Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.
-Рецитал посветен на доцниот творечки период на Лудвиг ван Бетовен, во кој пијаното станува носител на длабока лична и музичка мисла. Програмата е обединета преку неговиот зрел композиторски израз, каде формата се проширува, а музичкиот јазик добива нова слобода и интензитет – се вели во најавата.
Сонатите, додаваат организаторите, откриваат внатрешен дијалог меѓу структурата и емоцијата, меѓу тишината и звукот.
-Летиција Микиелон пристапува кон овие дела со јасна интерпретативна линија и чувствителност, создавајќи целовито и силно музичко доживување – се истакнува во соопштението.
Настанот е во соработка со Фестивалот Модоарс.

Утре во рамки на Скопско на истата локација и исто така со почеток во 20:30 часот ќе се одржи камерен концерт – пијано рецитал насловен „Музички епилог низ вековите“ на Тоше Поп-Лазаров.
-„Музички епилог низ вековите“ претставува суптилно обликувано звучно патување низ емоциите и стиловите на романтизмот, во дијалог со современиот македонски музички израз. Преку делата на Шуберт, Шопен и Штраус, надополнети со „Пасторална свита“ од Стојан Стојков, рециталот отвора простор за интимно доживување на музиката како универзален јазик што ги поврзува времињата, чувствата и културите – се додава во најавата.






