Канцаларија на ЕУ за Косово: Приштина треба веднаш да ја укине забраната за увоз на српски производи

– Шефот на Канцеларијата на Европската Унија во Косово, Томас Суниог, побара од косовските власти што поскоро да ја укинат одлуката за забрана за влез на српски производи во Косово.

На почетокот на работата на првиот Форум за одржливи инвестиции, организиран од Советот на европски инвеститори (ЕИЦ) во Приштина, Суниог рече дека ЕУ е најголемиот донатор во Косово и ја стави на располагање својата финансиска помош за Косово да стане поконкурентно, попривлечно за инвестиции и да понуди повеќе работни места.

Сепак, истакна тој, дека Косово треба повеќе да се грижи за инвестициската клима, вклучително и поблиска соработка со своите соседи.

„Косово и другите партнери во регионот можат да имаат голема корист од планот за развој. За Косово и Србија ќе има некои дополнителни услови за конструктивно ангажирање со опипливи резултати во подобрување на односите. Во оваа насока, слободното движење на стоки, услуги и работници е повеќе претставено во развојниот план. Го охрабруваме Косово што поскоро да ја укине забраната за увоз на српски производи. Одржливите инвестиции бараат внимание од сите страни“, рече Суниог.

Амбасадорот на ЕУ рече дека речиси 80 отсто од странските директни инвестиции во Косово се фокусирани на недвижен имот.

Според него, неопходни се одржливи инвестиции, особено поради одливот на мозоци.

Како акутен проблем за косовските компании го спомена недостигот на работна сила.

„Повисоките плати не се доволни, додека луѓето со вештини сакаат да работат во земји кои се поразвиени. Треба да се фокусирате на вашите вештини. Развојот на приватниот сектор и одржливиот економски раст се предуслов за напредок во другите делови од општеството. ЕУ е најголемиот донатор на Косово и стави на располагање финансиска помош за Косово да стане поконкурентно, да биде привлечно за инвестиции и да понуди повеќе работни места. Како реакција, Косово мора да се грижи за своите инвеститори“, рече Суниог.

Европскиот дипломат рече дека ЕУ помага преку ИПА проектите и преку програмата за заеднички пазар.

„Среќни сме поради ратификацијата на програмата за заеднички пазар од страна на Собранието, заедно со другите меѓународни договори. Програмата дава извонредни можности за зајакнување на внатрешните пазари на владата, поддршка на конкурентноста и поддршка на претпријатијата“, рече Суниог.

Според него, новиот план за развој на Западен Балкан ќе ги приближи партнерите, вклучително и Косово, до единствениот економски пазар.

Суниог рече дека столбовите на овој план се „економската интеграција, подобрувањето на економскиот пазар преку правила и стандарди на ЕУ, како суштински реформи за членство во ЕУ“.

Форумот за одржливи инвестиции, кој денеска и утре се одржува во Приштина, е престижен собир на индустриски лидери, креатори на политики и експерти посветени на поттикнување трансформативни промени кон поодржливи инвестиции.

Овој форум, според организаторите, има за цел „да обезбеди платформа за истакнати говорници да истражуваат актуелни прашања, да споделат иновативни решенија и да дискутираат за стратегии за соработка насочени кон забрзување на глобалната транзиција кон одржливи инвестиции, отворајќи г о патот кон позелена иднина за генерациите што доаѓаат“.

Back to top button
Close