Киев ги обвини руските безбедносни сили за немирите на аеродромот во Дагестан
Украинскиот амбасадор во Израел Јевхен Корничук тврди дека руските безбедносни сили стојат зад, како што наведе, „акцијата на антисемитска толпа“ на терминалот на аеродромот во Руската Република Дагестан.
-Тие донесоа припадници на безбедносните сили на аеродромот, но тие седеа на страна, пушеле цигари и не правеле ништо“, рече Корничук, коментирајќи ги немирите на аеродромот во главниот град на Дагестан, Махачкала, што избувнаа вчеравечер откако авионот слета од Тел Авив.
Корничук тврди „дека царска Русија користела погроми против Евреите за да го намали гневот на населението поради невработеноста и сиромаштијата“, наведувајќи дека Москва користи слични тактики и денес, пишува Тајмс оф Израел.
Корничук, исто така, вели дека немирите биле следниот предвидлив чекор „откако Русија ги угости лидерите на Хамас“ и не ги осуди целосно нападите на организацијата на 7 октомври.
Корничук ги отфрли наводите на Москва дека Киев стои зад инцидентот на главниот аеродром во Дагестан. Тој додава дека „украинските разузнавачи соработуваат со израелските разузнавачки служби уште од првиот ден по инвазијата на Хамас“.
Претходно денеска Русија ја обвини Украина дека игра „клучна улога“ во антисемитските немири на аеродромот во Дагестан, регион со мнозинско муслиманско население, во кои беа повредени повеќе од 20 лица.