Киев повторно под жесток удар на руски балистички ракети, има загинати и повредени

Најмалку едно лице загина, а 13 се повредени во ноќните руски напади врз Киев, извршени со балистички ракети, соопшти украинската Државна служба за вонредни состојби. Нападот следува само еден ден откако во украинските удари врз цели во Русија беше пријавен поголем број жртви.

Експлозиите се слушале дури и во внатрешноста на противвоздушните засолништа, а една од нив била толку силна што ги активирала алармите на паркираните автомобили во центарот на градот. Украинските воздухопловни сили потврдија дека станува збор за координиран напад со балистички проектили.

Според итните служби, нападите погодиле пет градски реони. Од јуни годинава Киев редовно е цел на руски балистички ракети, кои се значително побрзи и потешко се пресретнуваат во споредба со беспилотните летала и со крстосувачките ракети.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, објави на апликацијата Телеграм дека во реонот Десњански се запалиле повеќе автомобили и дека се издигнувал густ чад во близина на голем трговски центар. Во Шевченковскиот реон, паѓањето на остатоци од соборен проектил предизвикало голем пожар во станбена зграда. Истовремено, во реоните Соломјански и Свјатошински беа запалени станбен објект, супермаркет и приватна куќа.

Воената администрација на главниот град соопшти дека во Днипровскиот реон се запалиле трговско-забавен центар и повеќе возила. Спасувачите извлекле четири лица од запалена приватна куќа во Свјатошински, а од трикатна зграда во Шевченковскиот реон итно биле евакуирани станарите, каде што подоцна под урнатините било пронајдено и телото на загинатиот маж.

Жестоките напади врз Киев следуваа по вчерашниот украински удар со беспилотни летала врз два логистички центри во Русија, каде што загинаa најмалку осум лица, а беше запален и нафтен склад во Московската област. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека погодените објекти во Московската и во Тамбовската област биле користени за испорака на компоненти под санкции наменети за производство на беспилотни летала и на навигациска опрема.

Од друга страна, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека руската престолнина во текот на ноќта била нападната со повеќе од 370 дронови, од кои „повеќето биле соборени“.

Овој напад врз Киев се случува во исклучително чувствителен политички момент за Украина. Во земјата трет ден по ред се одржуваат масовни протести поради ненадејното разрешување на популарниот министер за одбрана, Михајло Федоров. Дополнително, украинската престолнина се соочува со сериозен недостиг од ракети за американските системи „Патриот“, кои се клучни за одбрана од балистички проектили.

Во врска со ова, американскиот претседател, Доналд Трамп, неодамна најави дека Вашингтон ќе ѝ овозможи на Украина сопствено производство на ракети за системите „Патриот“. Зеленски истакна дека ова сојузничко производство би можело да започне до крајот на 2026 година, со цел долгорочно да се зајакне противвоздушната одбрана на земјата.

Back to top button
Close