Киев разочаран од разговорите- нема договор за прекин на огнот, само хуманитарни коридори

Заврши втората рунда преговори меѓу Украина и Русија, но без договор за прекин на огнот. Двете страни успеаја да се договорат само за потребата од воспоставување хуманитарни коридори и можен прекин на огнот околу нив.

-На наше големо жалење, разговорите не ги дадоа резултатите на кои сметавме. Но, постигнаа договор за заеднички напори за обезбедување хуманитарни коридори за евакуација и снабдување со лекови и храна до локациите со најинтензивни борби со можност за привремен прекин на огнот во областите каде што ќе има такви евакуации. Тоа е, не секаде, туку само на оние места каде што ќе бидат лоцирани самите хуманитарни коридори, ќе може да се прекине огнот додека трае евакуацијата, рече советникот на украинскиот претседател, Михајло Подољак по разговорите.

Помошникот на рускиот претседател, Владимир Медински изјави дека Министерствата за одбрана на Русија и Украина го договориле форматот на коридорот за излез на цивили.

Претходно денеска претседателот на Украина, Володимир Зеленски упати директна покана до Путин, двајцата да седнат на преговарачка маса и да стават крај на војната. Путин пак, изјави дека се оди според планот и руските војници ги нарече херои.

Back to top button
Close