Кипчоге дури десетти на токискиот маратон


Двократниот олимписки првак и прв фаворит Елиуд Кипчоге од Кенија се пласираше денеска на скромното десетто место на големиот маратон во Токио, што испраќа порака дека сè уште е далеку од посакуваната форма пред летните Олимписки игри во Париз.

Кипчоге заостана дури 4:44 минути зад победникот и негов сонародник Бенсон Кипруто, кој го истрча токискиот маратон во време од 2:02:16 часа што е негов личен и воедно рекорд на патеката.

И покрај поразот, Кипчоге навести дека неговата цел на Игрите во Париз останува освојувањето на златниот медал.

„Така е тоа. Не е секој ден Велигден. Морам да се вратам на тренинзите и да се подготвувам“, изјави Кипчоге за јапонската телевизија по пристигнувањето на целта.

На женскиот маратон во Токио победата ја однесе Сутума Асефе Кебеде од Етиопија со време од 2:15:55 часа, што, исто така, е рекорд на патеката.

Back to top button
Close