КОЈ ДА ГИ ЗЕМЕ ПАРИТЕ

Тој што го избира обвинителот, тој му кажува што да работи. Од кога па тоа е чудно?

Инаетот станува реалност. Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски најави дека ќе го реализира проектот за Брз автобуски превоз (БРТ) што локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ претходно четири години го кочеше. Тендерот што беше распишан во 2021 година го поништи градоначалничката Данела Арсовска, која заедно со Мицкоски ветуваше дека ќе набави 250 автобуси за бесплатен јавен превоз. ВМРО-ДПМНЕ велеше дека системот БРТ е скап и неефикасен.

Е па, сега уште поскап ќе излезе. Цените од 2021 и 2026 не се исти. А и платите на работниците се пораснати. Трети сме по раст на БДП. Плус секоја година плаќавме камата од 350.000 евра на Европската банка за обнова и развој. Милион и пол евра од џеб ли ќе ги извадат тие што четири години го блокираа проектот, а сега ни го фалат како историски успех?

Дај боже да грешам, ама сѐ ми се чини дека со скопскиов БРТ ќе добиеме нов „Кичево-Охрид автопат“. Кога за реновирање на една зграда, во која се запали Државниот инспекторат за животна средина, за две години се потпишани 51 анекс на договори што ја дигнаа цената за дополнителни два милиони евра, којзнае колку анекси и уште колку пари ќе требаат за брзиот автобуски транспорт.

Штом се пари во прашање, можеби најдобра проценка на штетата би направил гувернерот на Народната банка Трајко Славески, кој беше претседател на Советот на Град Скопје што неколкупати го блокираше проектот. Ама ако го прашаме, може ќе се налути, па ќе ни рече: Прашајте си го уредникот. Е па, ништо. Да го прашаме уредникот на Трајко Славески.

Налет парите. Се заработуваат и се трошат. Туку, што правиме со времето? Оваа приказна за БРТ-то во Скопје е уште една јасна слика како партиите ни го трошат животот, а богами и здравјето. Раскопан град во кој живее половина држава, без јавен превоз… Ако овој проект не се заврши во историски рекордно време, ќе значи уште многу години прашина,  затнат сообраќај и дополнително загадување и во зима и во лето.

Ех, да се само последниве четири години. Триесет и пет години ни одземаа. Кој неспособен, кој лажго, кој терсене, кој за инает, кој за џабе…

А во суштина – кој да ги земе парите.

Целата колумна на Горан Михајловски на сдк мк 

 

Back to top button
Close