Кој ќе ги јаде ракчињата и лососот? Од Владата велат дека храната е за делегации
Откако Службата за општи и заеднички работи на Владата отвори тендер во кој меѓу техничките спецификации се бараат и октоподи, лосос, ракчиња, најразлични видови месо, егзотични овоштија и најразновиден зеленчук, оттаму денеска појаснуваат дека овие намирници не се за Владата, туку за делегации кои ќе доаѓаат во посета.
СДСМ реагираше на ваквото трошење посочувајќи дека додека илјадници семејства во Македонија едвај врзуваат крај со крај, додека платите не стигнуваат ни за основни намирници, владините функционери на Христијан Мицкоски се гоштеваат со луксузна храна за која обичниот граѓанин не може ни да сонува.
„Папаја, манго и аспарагус очигледно не биле доволни. На нивната трпеза сега стигнуваат лососи, ракчиња, октоподи, краби, бифтек… Милионски суми народни пари се трошат за ексклузивни деликатеси, додека работниците се борат да преживеат со мизерни плати. Ова е врв на лицемерието и безобразието. Оваа влада се закануваше дека нема пари за покачување на платите, но очигледно има за владините гозби. Истите тие кои пред неколку месеци тврдеа дека „грозје не пробале“, денес со државни пари нарачуваат луксузна храна достапна само за најбогатите. Оваа власт не е влада за граѓаните – ова е власт што живее на грбот на народот. Оваа држава не е приватен ресторан за Мицкоски и неговата елита. Владините функционери се најадени, но народот е гладен – и не само за храна, туку и за правда“, велат од СДСМ.
Од владата возвраќаат дека ракчињата и лососот ќе ги јадат делегации, а не тие.
„Лажна вест е дека Владата јадела ракчиња и лосос, затоа што беше јасно ставено до знаење дека се работи за рамковна спогодба за набавка на храна, која се набавува доколку има потреба за посета на делегации, а не дека таква храна навистина е набавена. Впрочем тоа е истата јавна набавка која ја правела и владата на Венко Филипче. Само има една крупна разлика, а тоа е што Венко Филипче јадел ракови, школки и лососи со украдените пари, истите тие пари со кои сега Зоран Заев гради згради во Дубаи, а Венко Филипче ги троши парите од крвавите тендери и „Стабри” провизиите кои ги правеше додека беше министер, а илјадници луѓе ги загубија своите животи во ковид кризата. Венко Филипче да објасни како стигна до хациенда во Нерези изградена од истата фирма која добиваше тендери кога тој беше министер за здравство? Како веднаш до него има куќа токму неговиот директор на Клинички центар? И како се стига до сопственички удел и банкарски сметки во Дубаи?“, велат во соопштение ВМРО-ДПМНЕ.