Кој е министерот од Владата на ВМРО-ДПМНЕ поради кој ОЛАФ ги чешла европските пари за земјава?
Иако опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ минатата недела вината сакаше да ја префрли на сегашните политичари, токму проект од 2015 година, вреден 660.000 евра, за софтвер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), е случајот за кој Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) констатирала неправилности и препорачала државата да ги врати парите.
Во тој период министер во ресорното министерство е Михаил Цветков, а премиер на таа Влада преводена од ДПМНЕ е Никола Груевски. Во меѓувреме во 2019 година Цветков беше и осомничен за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот. Во моментот единствените вести кои излегуваат од пребарувањето се поврзани со одреден 30 дневен притвор за Цветков, но нема информации за тоа што се случило со судскиот процес и дали имало пресуди.
-Ја видов статистиката дека половина од случаите на надлежната европска агенција која истражува корупција, ОЛАФ се однесуваат за Македонија. Ние за тоа зборуваме шест години, дека оваа Влада на ДУИ поддржана од помалиот коалициски партнер СДСМ силно е вплеткана во криминал и корупција, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неодамна за време на посетата на општина Петровец.
„Добро е што на нашите партнери од Европа им станува се појасно и добро е и тие што ќе се занимаат со оваа истрага, а идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и органите кои таа влада ќе ги има под свое управување сакаат заедно со оваа агенција да истражуваат“, рече Мицкоски.
Николовски потврди дека случајот е во Обвинителството
Информацијата за злоупотреба на европски парија, ја потврди министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, не се работи за никаков договор или предмет поврзан со ИПАРД, туку за проектот што се реализирал преку ИПА поддршката за МЗШВ.
Истрагата е веќе завршена и за случајот има конкретен предмет со конкретни правни дејства. Предметот е доставен до ОЈО за организиран криминал, а МЗШВ апелира случајот да биде комплетно расчистен.
-Да бидеме јасни, прецизни и транспарентни. Не сакам да се наруши успешната ИПАРД приказна. Ние треба да градиме доверба со луѓето, имаме 120 милиони евра на располагање и сакаме максимално да ги искористиме, подвлече Николовски.
Тој го покажа и документот според кој, „ОЛАФ има заврешно истрага за злоупотреба на ИПА средства преку проект реализиран во 2015 година, а се однесува на Договор потпишан на 20 ноември 2015 година по тендерска постапка „Надградба на информациски систем за земјоделство и воспоставување системи за размена на податоци меѓу МЗШВ и другите релевантни институции кој е спроведен децентрализирано, во рамки на Програмата за помош при транзиција и институционална надградба“
Вицепремиерот за европски прашања пак Бојан Маричиќ, во врска со истрагата на Европската служба против измами (ОЛАФ) за злоупотреби на пари од европските фондови во земјава против 17 субјекти во државава, вели дека е важно да се види за какви субјекти се работи и повика тоа да се расчисти докрај.
Секретаријатот за европски прашања (СЕП) за Градска.мк одлучува кои проекти ќе се финансираат, но контролата на европските пари е во рацете на Министерството за финансии (МФ).
Од министерството пак, за Градска.мк велат дека Одделението за координација на борба против измама на ЕУ парите (АФКОС) не располага со податоци кои произлегуваат од Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) од причина што согласно Рамковната спогодба за ИПА на земјава и регулативата на ОЛАФ, Европската канцеларија нема обврска да го информира АФКОС во врска со тековни или завршени истраги или со исходи од нив. Од МФ велат дека во случај на сомнеж, министерството за финансии прави првична анализа на случајот и понатаму тој се проследува до надлежните институции за преземање на понатамошни дејствија.
„Впрочем, во нашиот систем тоа е посебно кривично дело – малверзации или злоупотреба на европските пари и имало многу држави во регионов коишто имаат и повеќе случаи – Романија, Бугарија, Хрватска имале проблеми во одредени фази, но ги надминале и ги искористиле средствата и со ИПА, а и со структурните фондови бидејќи со нив, знаете веќе ја објавија и таа анализа, кај 11 поголеми се структурните фондови“, рече вчера Маричиќ на брифингот со новинарите.
СЕП одлучува за проектите, нема увид во истрагите
Тој ја појасни поделбата на улогите во македонскиот систем околу тоа како функционира користењето на ИПА фондовите.
„СЕП има примарна улога во програмирањето, во процесот на собирање информации и определување на приоритетите и проектите или областите што ќе се финансираат. И ние ги поднесуваме секторските оперативни програми. Тоа се програмите што ги листаат приоритетите за финансирање или проектите за финансирање и во моментот кога ќе се усвојат ги известуваме од Владата, ја известуваме ЕК како се усвоени. Средствата од ИПА фондовите се префрлаат во Министерството за финансии. Таму има посебна единица за спроведување на ИПА фондовите и таму во рамките на таа единица постојат исто така структури што ги прибираат информациите и ги добиваат забелешките и приговорите во однос на ИПА фондовите и од таму се реализираат понатаму проектите што сме ги утврдиле“, рече Маричиќ.
Истакна дека инспекциите ги прават преку Министерството за финансии за тоа како се спроведуваат конкретните проекти од европските пари и дека покрај оваа единица во МФ има и втор друг голем корисник на европските пари, тоа е ИПАРД агенцијата што ги добива директно средствата за менаџирање на фондовите поврзани со ИПАРД-от, односно со земјоделието.
„Сѐ што не е ИПАРД оди преку Министерството за финансии. И тие имаат најточен увид. Ние ги немаме информациите бидејќи истрагите се тајни. И тие имаат механизми како да ги испитаат. Тие не мора да бидат ниту големи, ниту крупни, може и за помали проекти да се работи, но добро е сите да ги расчистиме докрај. Затоа што улогата на ова е токму да контролира како се трошат европските пари. Нормално дека секој проблем во користењето на европските пари нам ќе треба да ни укаже на некоја слабост дали од кај имплементаторите што можат да бидат општини, можат да бидат и компании, можат да бидат институции. Значи, важно е да се види за какви субјекти се работи и сето тоа да го расчистиме докрај, нагласи Маричиќ.
Додаде дека со делегацијата на ЕУ еднаш неделно имаат состанок на тема ИПА фондови, а на дневна основа комуницираат за сѐ што е потребно, бидејќи, како што кажа, борбата е секое евро да биде правилно искористено за целта за кое што е наменето.
Истрагите ги води друг, МФ само ги контролира парите
Од министерството за финансии вчера соопштија дека Одделението за координација на борба против измама на ЕУ парите (АФКОС) не располага со податоци кои произлегуваат од Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) од причина што согласно Рамковната спогодба за ИПА на земјава и регулативата на ОЛАФ, Европската канцеларија нема обврска да го информира АФКОС во врска со тековни или завршени истраги или со исходи од нив. Од МФ велат дека во случај на сомнеж, министерството за финансии прави првична анализа на случајот и понатаму тој се проследува до надлежните институции за преземање на понатамошни дејствија.
Од Министерството посочуваат дека земјава е посветена да ги почитува прописите и правилата на помошта од ЕУ, која е основа за успешна соработка и имплементација на европската помош и во овој процес од 2009 година има индиректно и децентрализирано управување со претпристапните фондови на Унијата.
„Во таа смисла истакнуваме дека Република Северна Македонија, исто така, работи на откривање на евентуални нерегуларности, по кои во понатамошна постапка постапуваат надлежни органи. Согласно воспоставениот систем за управување со нерегуларности, во случај на детектирање на одредена нерегуларност од страна на ИПА структурите или дојава, односно сигнал за потенцијална нерегуларност добиена од надворешни извори или од службите на Европската Комисија, ИПА структурите во Министерството за финансии прават првична анализа на случајот и понатаму случајот се проследува до надлежните институции за преземање на понатамошни дејствија: Управата за финансиска полиција, АФКОС, ОЈО/ОЈО ГОКК и Државното правобранителство“, велат од МФ.
Од МФ велат дека она што може да се наведе, а во врска со инфорамциите што беа објавени во медиумите и се повикуваат на медиуми во Албанија за 18 случаи во земјава, е дека во извештајот на ОЛАФ за 2022 година се нотирани 4 истраги, од кои 3 се завршени. Истото може да се провери на линкот до извештајот:
МФ наведува дека во периодот од 2015 до 2022 година се утврдени нерегуларности во 17 случаи за кои се преземени конкретни постапки.
„Согласно меѓународните договори и воспоставениот систем за управување со нерегуларности, ИПА структурите во Министерство за финансии на редовна квартална основа известува за статусот на секој случај и до Европската комисија, поточно ОЛАФ – Европска службата за борба против измама, преку електронскиот систем за известување на нерегуларности“, потенцираат за МИА од МФ.
МФ потсетува и дека 21 минатиот месец беа потпишани меморандумите за соработка меѓу Mинистерството за финансии и клучните институции во областа на заштита на финансиските интереси, како резултат на добрата пракса во земјите членки на ЕУ, во делот на ефикасна и ефективна заштита на финансиските интереси на Унијата, преку воспоставување на солидна координација на системот за заштита на финансиските интереси на Европската Унија.
„Исто така, секој граѓанин може да пријави сомнеж за нерегуларности на официјалната веб страница на Министерството за финансии во делот „пријавување неправилности“, додаваат од МФ.
Грковска: Ги охрабрувам ОЛАФ во истрагите за трошењето на европските пари
Ги охрабрувам ОЛАФ во истрагите за трошењето на европските пари Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, во Собранието на седницата посветена на пратенички прашања, рече дека на средбата во Брисел со претставниците на Европската служба против измами – ОЛАФ било укажано дека тие се задоволни од соработката со институциите во земјава, а таа нагласила дека ги охрабрува нивните истраги.
Таа одговори на пратеничко прашање во врска со извештајот на ОЛАФ во однос на злоупотребите на европските фондови.
Од страна на претставниците на ОЛАФ, тогаш ни беше соопштено дека се задоволни од соработката со нашите институции, а од моја страна беше кажано дека ги охрабрувам да продолжат со истрагите, токму заради тоа што секој од нас без разлика на која и да е функција има обврска да биде одговорен за начинот на којшто се трошат парите на граѓаните, без разлика дали станува збор за парите од Буџетот или станува збор за донаторска помош или помош од страната на меѓународните, нашите меѓународни партнери, нагласи Грковска.
Таа истакна дека она што било укажано и од ОЛАФ, а и нејзина надеж е дека истрагите коишто се водат ќе имаат завршница и ќе биде јасен исходот. Додаде дека тие не се од таков вид за да можат да се одразат на ИПАРД помошта, која што веќе и е доделена на државава.
Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека доколку истрагите на Европската служба против измами резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство и во тој случај очекуваат јавниот обвинител да преземе навремени активности и тие активности ќе ги следат одблизу.
Амбасадорот Гир потврди дека ОЛАФ подготвила препораки за европските институции и македонските власти во однос на злоупотребата на европските фондови.
Ова покажува колку сериозно ЕУ пристапува и го проверува начинот на кој парите од европските даночни обврзници се трошат во Македонија. Сакам да потенцирам дека ОЛАФ е многу сериозно тело, кое спроведува истраги за тоа како се трошат парите на ЕУ. Ја потврдувам бројката, но не ги знам деталите во врска со самите истраги. Можам да потврдам дека има различни субјекти кои се дел од тие истраги. Ако истрагите на ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство, и во тој случај очекуваме јавниот обвинител да преземе навремени активности и тие активности ние ќе ги следиме одблиску, изјави амбасадорот Гир.
Европската служба против измами (ОЛАФ), одговорна за ревизија на фондовите за земјите членки на Европската Унија и за други држави кориснички во последните пет години отворила 36 истраги за земјите од Западен Балкан за злоупотреба или неправилности поврзани со европските фондови, од кои 18, како што пренесе Еуроњус Албанија, се однесуваат на злоупотреба на европските фондовите во земјава.
ОЛАФ подготвила седум препораки за европските институции и за македонските власти. Од службата нема дополнителни информации за конкретните истраги, но објавено е дека за европските фондови, кои се потрошени целосно или делумно на национално или на регионално ниво во 2022 година, во Македонија биле отворени четири истраги, а три се затворени со соодветни препораки.
Во јануари годинава, Државниот завод за ревизија објави Извештај според кој отсуствува систем за користење на ЕУ фондовите за кофинансирање стратешки проекти.
Што значи ОЛАФ и како работи?
Препораките што ги дава ОЛАФ се четири типа – финансиски, административни, дисциплински и правосудни. Институциите кон кои ги дава препораките се различни – европските власти кои најчесто располагаат со парите што ги даваат; финансиските власти било во ЕУ било во конкретни банки и фондови, било во министерствата за финансии; потоа препораки до министерствата или други институции што директно ги распоредуваат или користат парите; и до правосудните власти кога при истрагата е констатиран основан сомнеж за злоупотреба, т.е. до јавното обвинителство во конкретна земја и другите институции што водат истраги и прогон.
Доколку се погледнат актуелните податоци од ОЛАФ од 2022 година, бидејќи извештајот за лани е објавен во јуни годинава, ќе се види дека лани во земјава биле затворени 4 истраги, од кои 3 завршиле со препораки. Во 2018 година имало 2 случаи од кои 1 е затворен, а за 1 не се знае кој е статусот. Во 2019 отворени се 3 случаи и сите 3 се отворени (без статус).
Во 2020 отворен е 1 случај и истиот е сè уште отворен (без статус). Во 2021 година 8 се отворени од кои 3 се завторени, 5 се отворени (без статус).
И само колку за споредба и за поширока слика – во 2022 година од ОЛАФ отвориле 192 нови истраги, а 256 затвориле, од затворените истраги напишале 275 препораки до финансиските, административните или правосудните институции и дале препорака за поврат на вкупно 426,8 милиони евра во европскиот буџет, за кои несомнено е утврдено дека биле злоупотребени.
Поради тоа што има и препораки до правосудните власти, од ОЛАФ и од ЕУ канцеларијата се релативно дискретни, затоа што по нив би требало да следат предистраги и истраги во земјата на која се однесува препораката. ТВ 24, повикувајќи се на Јавното обвинителство, објави минатата недела дека врз основа на препораките на ОЛАФ се водат два судски процеса, а дека неколку препораки се во фаза на предистрага, додека од владини извори, дека досега најмногу имало злоупотреба на ИПАРД фондовите
За информација кои фондови за кои има дојава дека е сторена наводна измама, ОЛАФ не дава известување освен по спроведената истрага и подготовката на извештај со препораки. Фондовите може да бидат спроведувани на директен начин на управување преку Делегацијата на ЕУ како договорен орган или на индиректен начин кога ЦФЦД при Министерството за финансии и/или ИПАРД Платежната агенција настапуваат како договорни органи. НАО при МФ и останатите горенаведени органи како што се Јавно обвинителство, Финансиската полиција и АФКОС ги имаат соодветните информации.
Секторот за централно финансирање и склучување на договори (ЦФЦД) е сектор во рамките на Министерството за финансии и ИПАРД секој квартал внесуваат податоци во ОЛАФ системот. Оваа процедура се менува со ИПА 3 каде девијациите од административен карактер нема да се регистрираат во ОЛАФ.