Кој излажа за цијанидот во Крива Река? Едниот инспектор работел порано кај загадувачот, на другиот сопругата

Иницијативата О2 се придружи кон барањата на градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој на денешната прес конференција бара кривична одговорност од Булмак 2016 по повеќе основи за излевањето од рудникот Тораница на 14 март во Крива Река, кога се излеа голема сива маса која потполно ја замати Крива река и Тораница.

Од Иницијатива О2 велат дека риболовниот клуб ЗСРРК МРЕНА од Крива Паланка и општината земале примероци од загадената вода, за разлика од инспекторите на ДИЖС, кои не земале примероци за анализа од водата на Крива Река и Тораница, со цел идентификација на изворите и обемот на загадувањето, ниту пак повикале акредитирана лабораторија која би земала примероци и извршила анализа, при состојба на комплетна заматеност и полна со талог на инаку бистрата река.

„Нивна обврска согласно законот при настаната хаварија е да ги утврдат опасните супстанции кои се присутни, податоците кои се потребни за проценување на последиците од несреќата по здравјето на луѓето и по животната средина.
Дополнително ДИЖС ја дезинформираше јавноста дека на 14 март се излеала само вода од таложникот за јамски води, која не содржи хемиски средства, без да изврши анализа на водата за да тврди такво нешто, со што јавноста беше излажана. Ние истото утро стапивме во контакт со ДИЖС и баравме да излезе инспекција на терен што побрзо и да се земат примероци од водата.

Реката е сериозно загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето, со неверојатно зголемени концентрации на штетни материи, десеткратно зголемено присуство на олово, за стотици пати на цијанид, зголемена pH и концентрации на фосфор, азот и останати тешки метали.

И реката Пчиња е загрозена. Загрозени се бунарите, подземните води, живиот свет, загрозена е и почвата по текот на овие реки, земјоделските насади кои се наводнуваат од овие речни подрачја, сточниот фонд и ултимативно животот и здравјето на луѓето што ги конзумираат овие производи.
Долготрајни последици и штети по земјоделските поседи, земјоделски и овошни култури се очекува да има во реонот општината и соседната општина Ранковце, т.е. Славишко поле“, реагираат од еколошката организација.

Истовремено бараат обвинителство да отвори истрага, а инспекцискиот совет и Министерството за животна средина да го испита делувањето на инспекторите.

„Бараме од Влада на Република Северна Македонија и Собранието да ги изменат законите во насока на јасни ингеренции на инспекторите, зголемена транспарентност при нивното работење, јасно дефинирање на судир на интереси, зголемена одговорност и нивно санкционирање при непостапување.

Ефектот од ваква хаварија е кумулативен и поморот на живиот свет во Крива Река и Тораничка може да се случи со тек на време, ако не се случил во првите денови. Го повикуваме Природно-математички Факултет, Институт за сточарство и рибарство – Скопје да излезат на терен и ја утврдат состојбата со живиот свет во овие реки.
Со оглед дека е ова трето прекршување, бараме МЖСПП да ја одземе А-интегрираната еколошка дозвола на Булмак 2016, велат оттаму.

Во однос на денешното соопштение од МЖСПП за случајов, цитиран е министерот Изет Меџити дека законот мора да се почитува.

Според информации на свиркач до иницијативата причините за загадувањето на реката се:

– цевката пукнала поради зголемен обем на работа, не водејќи сметка за стабилноста на објектите како таложници, цевки, јаловишна брана;

– надвисува јаловишната брана без дозвола;

– едниот инспектор на ДИЖС кој вршел увид на терен е бивш вработен на Булмак 2016, а на другиот неговата сопруга работела во фирмата.

Инаку, фирмата која стопанисува со рудникот Тораница е „Булмак 2016“, чиј пак сопственик е бугарската фирма „Минстрој“ на бизнисменот Николај Валканов, поранешен потпретседател на озлогласената „Мултигруп“, која беше обвинета за вмешаност во атентатот врз поранешниот македонски претседател Киро Глигоров и еден од најблиските соработници на сопственикот на „Мултигруп“, Илија Павлов, оквалификуван во американските дипломатски извештаи како „доајен на бугарскиот организиран криминал“. Во 2021 година Булмак 2016 имала профит од 13 милиони евра.

Back to top button
Close