Кој краде на избори?

Среќен сум што на следните избори, по 8 години откако првпат тоа го предвидовме во Изборниот законик, ќе профункционира утврдување на идентитетот на гласачите со проверка на отпечаток од прст.

 

Сите. Ова би требало да биде заклучок односно одговор на прашањето поставено во насловот на оваа колумна доколку се следи што сѐ партиите си имаат кажано една на друга во последните еве веќе три децении демократија во Македонија. Во основа секоја партија што ќе ги изгуби изборите тврди дека партијата која победила крадела на избори и затоа победила. Ова во основа не е ништо друго, туку едно бедно алиби за шефот на партијата која губи, а кој не сака да си оди. Нели, никако шефот не може и не е виновен, туку секогаш друг е крив. Не бе, не е до шефот, ќе слушнеме, го лажат тие околу него, ќе каже друг, или само шефот работеше за изборите, другите глумеа дека работат, ќе заклучат оние најполтроните. Ова се всушност полтронските објаснувања и оправдувања за шефот по секои загубени избори. Бидејќи шефот ова не може да го каже, тој обвинува дека спротивниот табор ги украл изборите, а сите потоа онака папагалски повторуваат по него. И така се вртиме во круг бесконечно. Ако победи ВМРО, СДСМ обвинува за грабеж на изборите, ако победи СДСМ, ВМРО тврди дека ѝ е украдена победата. Освен, секако, на последниве парламентарни избори, кога во илузионистички стил, ВМРО тврдеше дека СДСМ ги украл изборите, ама ВМРО победило?! Ова е врвот на политичката комуникација во нашава независна и напатена држава. Ем да ти ги украдат изборите, ем да победиш ама никој да не знае за тоа. Смајли би ставил тука, ама трагично е. Но причините за ова се јасни и сто пати веќе кажани, па затоа нема потреба понатаму да објаснувам. Генерално заклучокот е дека ВМРО е обвинувана дека краде на избори од СДСМ и СДСМ е обвинувана дека краде на избори од страна на ВМРО. Некој ќе рече, па и едните и другите крадат на избори.

Никој не краде на избори?

Јас ќе речам, не! Прилично е невозможно ВМРО и СДСМ да крадат на избори. Ќе ви објаснам зошто. И ВМРО и СДСМ имаат прилично големо искуство во водење на кампањи и организирање на избори. Имаат општински и месни комитети или организации кои по толку истрчани избори, точно знаат во секое гласачко место кој гласа на избори, а кој не гласа, си ги знаат своите и туѓите поддржувачи и гласачи и ги знаат т.н. неопределени гласачи.

Имајќи ги предвид овие анализи, но и нивното искуство, секоја од двете партии може со не така мала прецизност да претпостави во секое избирачко место какво е расположението на гласачите и кој ќе победи. Има избирачки места, каде се знае дека победува ВМРО на секои избори и обратно избирачки места каде се знае дека победува СДСМ на секои избори. Кога на ова ќе се додаде и фактот дека искусни партиски тркачи се и набљудувачи на секое избирачко место, јасно е дека партиските активисти, ќе повторам, со прилична прецизност знаат каков ќе биде исходот на изборите. Проблем е што многу често не го кажуваат тоа искрено во централата, за да не биде дека тие се виновни за лошиот резултат. На крај, за сите да бидат во комфорната зона на неодговорност, поразот го припишуваат на кражба од спротивниот табор. Ниту се криви тие, ниту е крив шефот!

Затоа сум многу среќен што на следните избори, конечно по 8 години откако прв пат тоа го предвидовме во Изборниот законик, ќе профункционира утврдувањето на идентитетот на гласачите со проверка на отпечаток од прст. Среќен сум затоа што сите ќе се уверите дека приказни за мали деца биле обвинувањата дека ВМРО или СДСМ организирале мртви да гласаат, или дека некоја од овие две партии полнела кутии или дека воопшто ВМРО или СДСМ ги украле изборите. Сега ќе се докаже дека ниту СДСМ ниту ВМРО не краделе на избори, но за другите не можам да гарантирам. Ќе бидам брутално искрен и јавно ќе кажам дека многу ме интересира каков ќе биде резултатот во Кичево на пример, или во Струга, Карпош, Струмица, Битола, Велес, Прилеп или Арачиново.

Со големо нетрпение ги очекувам резултатите со цел да ги споредам со претходните изборни циклуси. Ако падот во гласовите е десетина проценти, во ред, ќе речам народот одлучил да излезе во помал број. Ама што правиме ако излезноста се преполови или пак ако е само една третина од тоа што била пред да се воведе проверка и утврдување на идентитетот на гласачите со отпечаток од прст? Е тогаш ќе знаеме кој крадел на изборите и во кои места. Тогаш сѐ ќе биде појасно. Затоа со големо внимание го следам ова законско решение, но и неговата имплементација. Ако некоја партија ја блокира имплементацијата на законот, знајте дека таа партија крадела на изборите. Јас предлагам ВМРО и СДСМ да работат заедно и да не отстапат од ова законско решение и од неговата целосна и доследна примена во ниту еден случај. Ова според мене е поважно и од пописот. Јас сум прилично убеден дека доколку ова законско решение коректно се спроведе, во некои изборни места излезноста ќе се преполови. Затоа, еве уште еднаш ве охрабрувам, не отстапувајте од ова решение, што и да се случи.

На крај ќе си дозволам да објаснам како јас мислев ова да го спроведеме кога го предложивме уште во 2013 година. Сметав и сметам дека ќе биде голема грешка доколку се пристапува до базата на податоци преку интернет. Има места каде интернетот е слаб или каде „намерно ќе ослабе“ или ќе се исклучи со цел да не може да се спроведе проверката на отпечатокот од прстот. Предлагам, за секое избирачко место да се набават по два лаптоп компјутери со соодветна конфигурација, без цд-читач или усб-порта и на кои ќе бидат снимени, без можност за преземање, снимање или бришење, податоците за отпечаток од прст, само на оние гласачи кои се на избирачкиот список во тоа избирачко место. Значи на секој лап топ компјутер да нема повеќе од илјада записи со име презиме, слика, матичен број и базата на податоци за отпечаток од прст на граѓаните кои живеат во тоа избирачко место. Да се набават најмалку по три читачи за отпечаток од прст за секој компјутер, со цел доколку не може да го прочита отпечатокот на првиот читач процедурата да се повтори на вториот, па на третиот. Така шансите за грешка, а со тоа и оневозможување некому да гласа ќе бидат минорни, односно речиси невозможни. За време на целото гласање да биде вклучена опцијата за снимање на екранот на компјутерот каде се складирани податоците, со цел доколку има каков било обид за малверзација или кражба на податоците, односно идентитет, истото да биде документирано. Секој компјутер да биде задолжен лично од еден член на избирачкиот одбор и тој да одговара за неговото користење или евентуална злоупотреба. Компјутерот со овие податоци да се смета за изборен материјал и така да се третира. Вака можноста за мамење или малверзација е сведен на нула. Како што ви реков, едвај чекам да ги видам резултатите од вака организираните избори. Особено во некои општини и избирачки места.

Конечно, апелирам, да се прекине праксата по секои избори да правиме измена на Изборниот законик, кој мислам дека по Законот за градење е најмногу менуваниот закон во државава. Имам чувство како да сме некадарни да утврдиме едни изборни правила и да се придржуваме кон нив.

Никола Тодоров
извор: ДВ

Back to top button
Close