„Кој женски лик ве промени?“ – книжевен настан во „Сакам книги“ по повод 8 Март

По повод Меѓународниот ден на жената, издавачката куќа „Сакам книги“ денеска од 12 часот на платото пред книжарницата „Сакам книги“ во ТЦ Лептокарија организира отворен женски книжевен настан и ги повикува читателите да зборуваат за женските ликови од книгите и жените автори кои им оставиле впечаток.

-Под мотото „Секоја жена има своја приказна“, разговорот ќе отвори прашања за женските карактери што инспирираат, за авторките што создаваат светови и за уредничките и преведувачките што ги носат тие светови до читателите. Разговорот ќе го води Александра Тодоровиќ заедно со авторката Ксенија Николова, во интерактивна дискусија во која и публиката ќе има можност активно да се вклучи и да ги сподели своите книжевни инспирации. Настанот е замислен како опуштена, но суштинска книжевна дружба – простор за отворен дијалог, размена на искуства и славење на женскиот глас во литературата, соопшти организаторот.

За сите присутни ќе биде обезбеден дополнителен попуст на книгите, кој ќе важи само за време на настанот. Повеќе информации за настанот се достапни на фејсбук-страницата на „Сакам книги“.

Back to top button
Close