Коцевски говори за едeн случај, Владата – за прелеана чаша
Законски е изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје, наведе државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во изјава за медиумите, откако беше најавено дека Владата го задолжила Министерството за правда да преземе активности за поведување на постапка за негово разрешување. Во образложението за таа иницијатива, портпаролката на Владата го наведе како последен пример посочениот избор во Вишото јавно обвинителство, а му претходеше поширок контекст за нарушената доверба во правната држава.
„Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава (…) Најпрво се отвори расправата за последниот Индекс на транспарентност кој беше објавен денес и каде детално можеше да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во обвинителството и судството. Дополнително последното именување за вршител на должност шеф на Вишото Јавно обвинителство во Скопје е одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишана во Законот за јавното обвинителство“, рече портпаролката на Владата, Марија Митева, образложувајќи ги причините за иницијативата.
Коцевски: Моето работење е согласно со закон
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во изјавата се осврна само на последната од посочените констатации на Владата.
„Од она што имав прилика да го прочитам по медиумите, причина за одлуката на Владата била тоа што изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје бил наводно незаконски“, се вели во негова изјава за медиумите.
Верувајќи дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации, а заради избегнување на недоразбирања, Коцевски дава појаснување како дошло до неодамнешниот избор на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје – Наташа Крстевска Цалева.
„Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје, донесен од обвинителот Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран, беше со важност до 31.12.2024 година. Согласно тој распоред лицата определени за негови заменици го имаа статусот на заменик до истекот на распоредот на 31.12.2024 година. Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје за 2025 година е донесен од обвинителот Цветановски во јануари 2025, во момент кога истиот немал својство ниту на заменик, ниту на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, што значи дека ваквиот распоред не е донесен согласно закон и не може да произведува правно дејство. Со потврдување на одлуката за суспензија и на обвинителот Цветановски, се јави потреба да се определи јавен обвинител кој времено ќе раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје“, објасни државниот јавен обвинител.
Тој укажува дека не е првпат да се постапува на тој начин, а во случајот било приоритет да се определи раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје, кој ќе биде гарант за непристрасното, професионално и објективно работење на Обвинителството до завршување на дисциплинска постапка за обвинителот Хајрулахи.
„Појаснувам дека не се работи за назначување на вршител на должноста виш јавен обвинител туку за определување на времен раководител на вишото јавно обвинителство Скопје. Според тоа ве уверувам дека моето постапување во овој случај, како и во целокупното мое работење е согласно закон, а со цел овозможување на непречено и законито функционирање на јавното обвинителство и заштита на јавниот интерес“, истакна Коцевски.
Одговорен за општите состојби
Според член 27 став 1 од Законот за јавно обвинителство, државниот јавен обвинител е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на јавното обвинителство и за својата работа и за работата на јавното обвинителство одговара пред Собранието.
Според член 63 став 3, Советот на јавни обвинители дава мислење по предлогот на Владата за именување и разрешување на државниот јавниот обвинител.
Во Законот за јавно обвинителство се пропишани причините поради кои државниот јавен обинител се разрешува од функцијата пред истекот на неговиот мандат.
„Поради тешка дисциплинска повреда од членот 91 алинеи од 1 до 6 од овој закон ако повредата е сторена со намера или очигледна небрежност по вина на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, без оправдани причини и ако повредата предизвикала тешки последици или – ако е член во политичка партија“, се вели во член 88 став 2.
Што е тешка дисциплинска повреда?
Според посочените алинеи од 1 до 6 во член 91 од законот, за тешка дисциплинска повреда се смета: потешка повреда на јавниот ред и мир и други посериозни форми на недолично однесување со која се нарушува угледот на јавното обвинителство и неговиот углед; ако одбие да поднесе изјава за имотна состојба и интереси или ако податоците содржани во изјавата во голема мера се невистинити; за очигледно прекршување на правилата за изземање во ситуации во кои јавниот обвинител знаел или требало да знае за постоење на некоја од основите за изземање предвидени со закон; ако со правосилна судска пресуда е осуден на пократка казна од шест месеци затвор или друга кривична санкција за кривично дело кое е директен резултат на постапување во вршење на јавнообвинителската функција, намерно или со свесна небрежност; ако неовластено издава класифицирани информации, односно изнесува информации и податоци за судски предмети со што се повредува обврската за заштита на тајноста на постапката утврдена со закон и кога јавноста е исклучена согласно со закон; и ако намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка, при што различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на јавниот обвинител.
Тек на постапката
Според член 88 став 4, Владата го доставува предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител до Советот на јавни обвинители. Советот е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот, до Владата да достави образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма. На седницата на Советот на јавни обвинители на која се расправа по предлогот на Владата, не учествува државниот јавен обвинител (став 5). Тој има право писмено да се произнесе по предлогот на Владата за негово разрешување (став 6).
Според став 8, ако Советот на јавни обвинители од оправдани причини во определениот рок не достави мислење до Владата, рокот се продолжува за уште 15 дена. Ако и во тој рок Советот не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата. (Dw)