Кочанчани денес повторно излегоа на протест поради депонијата, остануваат на барањето да не се одлага отпад од соседните општини

По овој протест, доколку не добијат одговор што ги задоволува нивните барања, активистите најавуваат консултации со правни служби и поднесување тужби, а доколку е потребно, како што додаваат, правото на чист воздух и здрава средина ќе го бараат и пред европските судови

Кочанчани денеска излегоа на протест откако изминатите денови камиони од локалните комунални претпријатија од општините Виница и Зрновци повторно можеше да се видат на кочанската депонија. Депонирањето отпад се случува и покрај одлуката на кочанскиот Совет да се забрани одлагањето на вреќите од околните општини на депонијата.

Со транспаренти на кои пишува „Убијци“, „Политичките интереси пред здравјето на граѓаните“ и со контејнер што го буткаа, жителите на Кочани на протестот велат дека не се откажуваат од нивната намера да биде забрането депонирање на отпад на кочанската депонија од другите општини, а која често се пали, што пак го загадува воздухот во градот.

По овој протест, доколку не добијат одговор што ги задоволува нивните барања, активистите најавуваат консултации со правни служби и поднесување на тужби, а доколку е потребно велат дека правото на чист воздух и здрава средина ќе го бараат и до европските судови.

„Ние не сме против ЕУ проектот, ние само сакаме да ни се даде време да изградиме доверба што е разнишана во последните две години бидејќи сите знаеме дека фабриката во Мечкуевци се уште е само теорија и демагогија. Нашиот став е дека кога ќе ги видиме почетокот на изградбата на истата, во истиот момент рампите за нашата депонија за соседните општини ќе бидат дигнати“ рекоа граѓанските активисти.

На денешниот протест граѓаните рекоа дека сакаат да ги потсетат надлежните општински институции дека градската депонија и локалните институции немаат капацитет за собирање на отпад од другите општини, кој, како што рекоа, изнесува околу 40 отсто од вкупниот отпад.

Пред самиот протест, Општина Кочани излезе со соопштение во кое тврдат дека останува нивната заложба за реализација на проектот за воспоставување регионален систем за управување со депониите во Источниот Плански Регион, со крајна цел – изградба на депонија во Свети Николе, а со тоа и конечно затворање на депонијата во Кочани.

Во соопштението од Општина Кочани се наведува дека е формирано е надзорно тело за вршење мониторинг и давање поддршка при реализација на Програмата за јавна чистота и третман на отпад, преземени биле чекори за утврдување надомест за одлагањето на отпадот од соседните општини, а имало и упатено барање до Министерството за животна средина за финансиска поддршка во одржувањето на депонијата, со избор на економски оператор и поддршка со механизација.

Од општината додаваат дека во тек е јавна набавка за избор на економски оператор за редовно одржување на депонијата, воспоставена е интензивна соработка со МВР, а КЈП „Водовод“ добива континуирана поддршка во контролирањето на пристапот до депонијата и се преземаат активности против лица кои изминатата седмица неовластено влегуваа во Градската депонија.

Покрај тоа, од Општина Кочани велат дека со поставената стражарска служба и со видеонадзорот се врши континуирана контрола на возилата и на начинот на кој се депонира отпадот на Градската депонија.

Општина Кочани првично направи чекори во насока на обезбедување и оградување на депонијата, а под притисок на јавноста, потоа донесе и одлука за забрана за депонирање на отпад од други општини, што беше во спротивност со владината одлука од 2021 година. Тоа привремено ги смири страстите во Кочани.

Back to top button
Close