Кочани, „Беса Транс“, модуларната болница во Тетово, Ласкарци – Изет Меџити вети правда за сите трагедии

Првиот вицепремиер, Изет Меџити, вети дека ќе има правда не само за трагедијата со пожарот во Кочани, каде што загинаа 59 лица, а над 100 беа повредени, туку и за другите тешки случаи што ја потресоа земјата, како несреќата со „Беса Транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово и трагичната несреќа во Ласкарци.

Тој нагласи дека Северна Македонија доживеала многу трагедии со тешки последици, но правдата недостасувала, а државата повеќе нема да седи со скрстени раце.

„Додека се молиме за преживеаните и се подготвуваме да ги испратиме трагично загинатите на 16 март, како Влада ветуваме дека горчливата лекција од Кочани е научена, пораката е примена: државата нема да седи со вкрстени раце и нема да дозволи правдата да заталка и да се девалвира низ институционалните лавиринти изградени да ги штитат токму недопирливите!“, напиша Меџити.

Тој истакна дека Владата ќе работи на тоа правдата да не остане само концепт заробен од мафијата и ендемската корупција.

„Нашата борба за подобра Македонија ќе има смисла само тогаш кога оние кон кои системот бил неправеден ќе почувствуваат дека правдата, сепак, не е заробена од мафијата која ја контролира државата, како што за жал тоа било случај со години наназад, и дека нивните повици за правда ќе наидат на одговори и реакција“ рече тој.

 

Според Меџити, трагедијата во Кочани треба да биде потсетник за институциите дека не смеат да дозволат повторување на вакви несреќи.

„Кочани е нашата совест која што повикува на дејствување. Кочани е нашиот непребол кој налага реакција. Кочани е катарза на скапаниот систем и ендемската корупција вкоренети длабоко низ институциите кои што ги уништуваат човечките животи“ – порача Меџити.

Тој ги увери граѓаните дека државата ќе преземе мерки и ќе има одговорност за сите случаи во кои животите на граѓаните биле загрозени поради негрижа и корупција

Back to top button
Close