Кочани го откажа „Маршот на ангелите“, ќе има мирен собир за жртвите од Кран-Монтана: „Два града — иста болка“
Градот кој ја почувствува најголемата болка по трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која загинаа 63 претежно млади луѓе, во сабота ќе одржи мирен собир за жртвите од Кран-Монтана.

Организаторите на собирот соопштија дека планираниот „Марш на ангелите“ нема да се одржи, а наместо тоа граѓаните се повикуваат на мирна и достоинствена средба, со која ќе се испрати порака на сочувство и солидарност.
Под мотото „Од Кочани до Кран-Монтана: Тивка почит за загинатите“, жителите на Кочани ќе се соберат за да запалат свеќи и да оддадат почит во тишина.
„Од град што ја носи болката во себе, до мајки и семејства што денес ја живеат истата тишина — да застанеме заедно, без зборови што се мали за ваква загуба.
Дојдете да запалите свеќа, со тишина да оддадеме почит, со срце што знае да сочувствува. Да ја споделиме тишината што ги поврзува оние што загубиле со оние што паметат. Кочани се сеќава. Кочани сочувствува. Кочани е со мајките и семејствата на Кран-Монтана“ напишаа тие на Фејсбук.






