Кочани – од град на насмевките до град на смртта

Како Кочани, некогашниот индустриски и културен мастодонт на Истокот, се претвори во подрачје на шверц, рекет, теретани, фирми за обезбедувања, барови и дискотеки на диво.

Kочани некогаш беше познат како запад на истокот. Да ја објаснам оваа збунувачка метафора. Ако семејствата од периферниот Исток сакаа да отидат на шопинг со познати брендови, да ги прошетаат своите деца и да ги подучат како треба да се движат и однесуваат во голем град, одеа во Кочани. Градот на оризот, на индустријата, градот на богатите одгледувачи на ориз, нивните убави куќи, богатите дуќани за пазарење, болницата во која работеа стручни лекари и за најсложени хируршки интервенции.

Кочани низ историјата бил познат и многу подалеку. Некои записи велат дека кочанскиот ориз бил омилен на султанот кој побарал и добил пратка од 23 тони ориз за да се снабдат кујните кои го опслужувале него, но и населението во околните градови.

Според монографијата за кочанскиот ориз, во 70-тите и 80-тите години на 20 век кочанскиот ориз покривал околу 60 проценти од тогашниот југословенски пазар, а општината Кочани го имала ексклузивното право на увоз за преостанатите 40 отсто за задоволување на вкупните потреби од ориз преку фирмата трговско претпријатие „Оризокомерц“ Кочани. Таму се достапни и податоците дека во 1898 година во Кочани била изградена првата модерна фабрика за лупење ориз. За набавка на машини од Хамбург биле инвестирани 51 илјада франци. Во дваесеттите години од минатиот век била изградена првата модерна фабрика за лупење на ориз. Располагала и со првиот агрегат за производство на електрична енергија со кој се осветлувал и градот Кочани и дел од домовите на кочанчани. Во 1931 година кочанчанецот Јордан Ковачев конструирал современа фабрика за ориз во селото Оризари. Потоа, во 1932 година, скопјаните Настев и Костов во кругот на денешниот „Жито Ориз“ ја изградиле и нивната фабрика за ориз. Фабрики за ориз имало и во околните села Зрновци, Чешиново, Облешево, Горни Подлог и Тркање.

Кочани ја имаше и својата друга гордост, фабриката „Руен“. Работеа и имаа извоз за Застава, ФАП, ТАМ, ТАС,, Мерцедес, а работеа и за ФАС-САНОС…

Сето тоа создаде услови населението од Кочани и кочанско да живее богато, а Кочани да биде главен трговски и индустриски центар на истокот. Богатството значеше и развој на културата низ кина и театар, настапи на локални и на гостувачки уметници.

Падот на Кочани

Падот на Кочани започнува 1993-1994 година, како впрочем и во целата држава. Разочараните кочанчани од трагедијата со пожарот кој однесе 59 животи, а над 150 се повредени, велат дека ако транзицијата скрши и изобличи некој град, тоа е Кочани. Градот и општината доживеале комплетно руинирање на индустријата, транспортот и економијата. Од културен мастодонт кочанскиот регион се претворил во подрачје на шверц, рекет, теретани, фирми за обезбедувања, барови и дискотеки на диво. Спрегата на институциите со криминалот и таму станала секојдневие, како и впрочем  низ државата.

Kocani - Kulturstadt in Mazedonien für 2012
Центарот на Кочани, 2011 година. фото:архиваФотографија: Gemeinde Kocani

Како и секаде во државата и во Кочани никнаа други бизниси, па низ годините се објавуваа биланси за милионски приходи во евра, главно од 6-7 компании, но тоа не го запре културното и духовното пропаѓање на градот и општината.

„Градот го нагазија пробисветови и шљамови“, разочарано пишува на Фејсбук жител на Кочани. Вели и дека за цело време за политички функционери биле избирани богаташи, на кои на прво место им бил нивниот бизнис наместо да се грижат за градот и инфраструктурата.

Впрочем, трагедијата што се случи на 16 март ги потврди сите тие сомневања. Само во такви околности можела да никне и да опстои 12 години дискотека која стана позната во целиот свет како дискотека на смртта. А Кочани од некогашен блескав град и град на насмевки да стане град на смртта. Во градот навистина цутело беззаконие, корупција, немарност, негрижа за јавниот интерес и негрижа за најранливите – младите. Културата и забавата станале илегален бизнис, а тоа што требало да биде илегален бизнис – фалсификувани лиценци, незаинтересираноста на органите за редот во градот, станало легално. Ако не беше така, настапот на ДНК немаше да биде со толку трагичен епилог.

Вина има и централната власт

Централната власт во Скопје вели дека нема кривична одговорност за градоначалникот и за министерот за внатрешни работи. Ајде да видиме дали е така. На веб-страницата на општината, има наводи кои ја побиваат нивната „одбрана“ која дојде директно од премиерот. Општина Кочани, како што е објавено на веб-страницата, имала формирано посебен Локален совет за превенција со кој претседавал градоначалникот Папазов. Советот имал за цел да поттикне заеднички пристап во третирањето на проблемите и подобрување на локалната безбедност. Дали тоа го правел? Не. Овој Совет имал напишана задача да ги координира локалните институции, токму тие институции кои најмногу потфрлија, и да анализира можни ризици за безбедноста. Советот имал задача и да се грижи за безбедноста и квалитет на живот во заедницата.

Дали тоа го направи? Не. Освен градоначалникот, во Советот членуваат и началникот на Одделението за внатрешни работи на Кочани, основниот јавен обвинител од Кочани, претседателот на Основниот суд од Кочани, како и пратениците во парламентот од ВМРО-ДПМНЕ од Кочани, Миле Лефков и Марија Ангелова. Локалниот Совет за превенција имал и втора работна група, во која членувале командирот на полициската станица во Кочани, командирот на територијалната противпожарна единица и повеќе раководители на подрачни единици на владините служби меѓу кои и на трудовата и пазарната инспекција.

Ако тоа не им било само хоби, или извор за дополнителни хонорари, значи имаат и одговорност. Бидејќи, ако некој не си ја врши задачата што му е доделена, подлежи на одговорност, а ако последиците од тоа невршење на задачата се смртни последици, одговорноста е за загрозување на безбедност кое има за последица смрт. А тоа е кривична одговорност и за локалните извршители и за нивните претпоставени во централната власт во Скопје кои ја организираат и одговараат за нивната работа.

Back to top button
Close