Кочо Анѓушев заминува од Борец

Сопственикот на Борец Кочо Анѓушев заминува од Борец. Одлуката ја соопшти пред малку, по завршувањето на пријателскиот натпревар Борец – Тетекс. Тој на играчите им кажа дека прекинува да го спонзрира клубот и им порача да си бараат нови клубови.

„На денешниот состанок донесовме одлука дека Брако како компанија не треба да продолжи да финансира во спортски федерации, чии раководства немаат респект кон спонзорите и онака како што слушаме од Агенцијата за млади и спорт, истите не се усогласени со законите на Р. С. Македонија. Во таа смисла, објавуваме дека Брако ќе престане да го финансира клубот и во иднина својата репутација како општествено одговорна компанија, ќе ја надгради преку стипендирање на одлични студенти од велешката општина, претежно, но не единствено на техничките науки“, се вели во соопштението од Брако.

Ова доаѓа по најавата на сопственикот на клубот и прв човек на Брако, Кочо Анѓушев, дека ќе го преиспита спонзорирањето на клубот, незадоволен од односот на Општинскиот фудбалски сојуз на Велес, но и на федерацијата, кон Борец. Клубот бараше да има еден делегат, меѓу четворицата претставници на ОФС Велес на изборното Собрание на ФФМ, кое требa да се одржи пролетва и на кое ќе се избира новиот претседател.

Во соопштенето, од компанијата на Анѓушев „Брако“, велат дека нема да ги коментираат сите лаги и дегутантни изјави на старо-новиот претседател на ОФС Велес, но ја демантираат изјавата дека лицето Драган Јорданов бил претставник на ФК Борец на собранието на ОФС Велес, а тоа го потврдуваат со фактот што тој гласал против претставникот на Борец на Собранието.

Со ваквиот развој на настаните, Борец влегува во неизвесна иднина и прашање е дали ќе успее да го продолжи тековното првенство во ПМФЛ.

„Со оглед на тоа дека Борец А.Д. нема никакви долгови, а при тоа на јавно дадената понуда клубот да го преземе некој кој има добра намера и цел кон фудбалот (пред се, раководните лица на ОФС Велес), до денес на понудата нема пријавени и поради тоа фудбалерите и сите вработени во клубот ќе бидат комплетно исплатени до денешен ден и за тоа уредно ќе ја добијат целата документација“, се вели во соопштението на Брако.

Велес чекаше 18 години прволигашки фудбал. Откако лани Борец се врати во елитата, по само една и пол сезона, клубот повторно е на работ на пропаста.

 

Back to top button
Close