Кога ЕУ ќе те остави на „seen“

Македонија и ЕУ – од ветувања за брза интеграција до блокади и замор. Зошто наративите од типот „ние прво да видиме што ЕУ ќе ни испорача“ се големи будалаштини? Анализа на Петар Арсовски

 

Повторно ја играме најдолгата политичка сапуница на Балканот, ние и ЕУ, Касандра и Ранду, врска која одамна е токсична, а ниту едниот ниту другиот немаат сила да ја поправаат, ниту пак храброст да „раскинат“. Оваа наша приказна веќе почнува да личи на ужас без крај- драма која почна со ветувањата за „брза интеграција“, продолжи со „историски договори“, а заврши со класичното македонско инаетење: „ЕУ нам да ни испорача“. И додека Македонија се обидува да го отклучи процесот на преговори, имам впечаток дека Унијата го губи интересот (искрено, дека веќе го има загубено), а дека брзиот напредок и посветеност, со болни компромиси притоа, на Албанија и Црна Гора, некако не се прелева ниту како ентузијазам и чувство на итност кај нас, ниту пак се трансформира во засилен апетит за проширување во ЕУ. Конечно, ја добивме ситуацијата која ја заслуживме, а секако дел од политичките елити и ја посакуваат – никој повеќе не нѐ притиска.

 

Зошто Брисел го губи интересот и гледа кон исток

И така, во најдобриот и познат манир на патопсихологијата на локалните псевдо-интелектуални изговори, кои повторно и забрзано стануваат мејнстрим идеологија, нашиот однос со ЕУ уште повеќе го правиме токсичен, со наративи кои се истовремено и исклучително популарни и епски погрешни: „ние прво да видиме што ЕУ ќе ни испорача“, „ако нѐ сакаат ќе најдат начин да не внесат“, или „колку што ЕУ и треба на Македонија, толку и Македонија и треба на ЕУ“. Нека не ми замери никој, ама ова се трансцедентални будалаштини. Ако нешто требаше да научиме досега, тоа е дека нам ЕУ ни треба илјада пати повеќе одошто ние ним, и дека сите наши обиди за некакви реформи (без оглед дали се работи за елиминирање на веќе ендемската системска корупција, владеење на правото, или економскиот напредок), се во основа осудени да бидат минлива театарска перипетија, која без крупниот исчекор кон ЕУ, е осудена да остане на буништето на историјата како козметичко шоу наместо вистинска посветеност.

Нашиот вистински проблем е што ова сепак не е шоу, ниту забавна серија. Ова е реалност, со генерациски последици, и од неа не се бега. Да бидеме искрени: Брисел одамна го намали темпото. ЕУ ги покажува сите знаци на замор од една крајно проблематична и комплицирана врска, во која веќе немаат сили да вложуваат, особено сега кога имаат нови приоритети. За нив, ние сме држава која да, направи огромен компромис со името, преживеа години блокади, прифати уште еден пакет услови со Бугарија, и пак остана на почетна линија. Би рекол дека ЕУ едноставно „ни дава знак“- а знакот е дека нема волја да се посвети. Причината е едноставна: ЕУ денес гледа кон исток. Украина е големата геополитичка награда, Молдавија е дел од пакетот, а Балканот останува стар проблем кој постојано бара внимание, повеќе одошто заслужува. Ние особено, во моментов изгледаме како партнер со кој Унијата не сака да си дозволи нови главоболки.

 

Само-саботажа и македонската реалност: корупција и блокади

Сепак, најлесно е да се каже: „ЕУ нема интерес.“ Иако е факт дека интересот и желбата за напредок се сериозно намалени, се поставува прашањето: зошто да имаат интерес за нас, кога нашите политички елити се однесуваат како ЕУ да треба да конкурира за нашето внимание, а не обратно? Во таа смисла, ние сме шампиони во само-саботажа. Албанија и Црна Гора (Албанија особено) демонстрираат како изгледа кога на заморот на ЕУ ќе одговорите со засилен напор од ваша страна, и подготвеност за возрасни компромиси – тоа се процеси осудени на успех, кои ја ставаат ЕУ во ситуација да нема избор освен и таа да се активира, па дури и ако понудата на маса е помалку одошто полниот пакет. Ние, за разлика од нив, не само што не учествуваме на банкетот, туку сакаме да го повлечеме и чаршафот за да ја растуриме масата. За таквите, епилогот безмалку секогаш се враќа на старата поговорка: или си на масата, или си на менито.

Се согласувам на едно ниво дека ЕУ е фрустрирачки партнер за пристапување, особено за нас. Ги менува правилата, поставува нови услови, бара компромис со Софија, додека ни самата Бугарија не знае што сака. Но, под превезот на блокадите и вечната жртва на историските неправди за кои постојано лелекаме, тлее вистината која никој не сака да ја изговори: Македонија не ги испорачува реформите што ги ветува. Правосудството – партизирано до коска, јавната администрација – феудална структура заробена помеѓу „партиски вработен“ и „приватен фолклор“, корупцијата – евроамбасадорите ни ја знаат подобро статистиката од нашите институции.

На тоа, нашата стратегија се сублимира во надеж дека Европа ќе каже: „повелете внатре, па од таму ќе се поправите после“? Ние, искрено кажано, веќе не живееме во таа верзија на ЕУ. Живееме во ЕУ која има 27 внатрешни проблеми и нема сила да решава уште еден. Ние, притоа помагаме во тој имиџ, после првиот залет, се вративме на познатата балканска шема: многу зборови — малку дела.

Брисел ги чита сите наши домашни кавги, сите медиумски пресметки, сите партиски блокади, и ги интерпретира, не како демократска дебата, туку како суштинска и епска неспособност државата да функционира без политичка тепачка во секој момент, на секое поле, за секоја тема. Затоа, мислам дека не разбираме колкав дел од одговорноста за нормализација на оваа агенда, суштински лежи кај нас самите. ЕУ не е врата што се отвора сама, ЕУ е врата што се отвора само ако имаш сила да притиснеш, и тоа прилично силно. Затоа, треба конечно да разбереме дека ЕУ нема да го турка процесот — освен ако Македонија не стане држава што вреди да се турка. А за тоа, топката, сепак, колку и да врескаме поинаку, е кај нас.(dw)

Back to top button
Close