Кога се најопасни амбициозните автократи?

Имаше нешто робеспјерско (или на Сен Жист) кога премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот го објави начинот како ќе се пресметува со Судскиот совет, тоа наводно олицетворение на најголем дел од „злото“ што се случува во правосудството:

„Цениме дека треба да се удри во чело. Да не се обидуваме да импровизираме, да правиме импланти. Ударот во чело подразбира дека сето она што е во ингеренции на, во случајот парламентот, а тоа е изборот на оние членови на Судскиот совет кои се избираат таму, и таму да им се изгласа интерпелација.“

Тој навести слична постапка и за членовите на Советот на јавни обвинители, со зборовите – „чекор по чекор, ќе дојдеме и до тоа“.

Понатаму нема да зборуваме за ситуацијата во Македонија. туку за она што се случуваше или се случува во некои држави од посткомунистичка Европа (сега дел од ЕУ).

Вацлав Хавел славно и скромно изјави за време на Кадифената револуција во Чехословачка на крајот од 1989: „Вистината и љубовта мора да триумфираат над лагите и омразата“. Ова сега може да ви изгледа прилично наивно 35 години подоцна. Всушност, тоа изгледаше наивно уште пред 15 години. Па дури и како утопија. Но прашањето е дали треба откажување од оваа прокламација.

Целиот регион последниве два месеци е сведок на една неверојатна епопеја на српските студенти во нивниот бунт институциите да почнат да ја вршат својата работа по страшната трагедија со настрешницата во Нови Сад и да откријат кој, зошто и како придонесол во таа коруптивна реконструкција само за да се задоволат итните желби и потреби на властите во Белград. Во овој бунт на исклучително самосвесните студенти, кои барем досега одеа два чекора пред претседателот Александар Вучиќ, ситуацијата изгледа надреална – професорите им се восхитуваат на студентите, не само на нивната организација, туку и на длабочината на нивните ставови и како тие смирено го образложуваат она за што се борат. Можеби затоа што професорите сфатија дека нивниот комформизам им ја блокирал секоја акција.

Српскиот писател Бојан Бабиќ на својот профил на Фејсбук напиша: „Креативните и речиси епски потфати што ги преземаат студентите овие денови имаат далекусежно општествено значење (ако не и конкретни политички последици). Она што ми е особено интересно се еруптивните емотивни реакции на возрасните на студентските активности. Мислам дека тоа кажува многу. Пред сѐ, во нашето општество има силни подземни води на тишина, на недијалог. Затоа, не знаеме како да ја именуваме колективната фрустрација бидејќи за тоа не зборуваме јавно, па дури ни приватно. Ние живееме со неа со децении. И тогаш низ нашето место поминува колона млади луѓе и ние сè уште не можеме да го именуваме тоа на јазик што го разбираме – но можеме да го почувствуваме. Како роб кој не знае како изгледа слободата, но може да ја почувствува“.

 

Српски пример за Америка

Додека одат по улиците на Белград или Нови Сад, или пак кога пешачеа од едниот до другиот град 80 километри, српските студенти во исто време гледаа што се случува преку Атлантикот, како светилникот на демократијата во кого Европејците се поклонуваа почнува да се тетерави под купот извршни наредби на Доналд Трамп, а Американците се прашуваат што е ова што се случува. Некои од влијателните европски медиуми, како „Гардијан“, на пример, ѝ даваат цел нов контекст на приказната од Србија. Дека српските студенти и другите млади борци им порачуваат на деморализираните членови на Демократската партија во САД по поразот – никогаш, никогаш да не се откажувате.

Моира Донеган, една извонредна писателка и колумнистка од Универзитетот Стенфорд, брилјантно ја отслика оваа ситуација на американските демократи: „Во месеците по нивниот пораз, демократите се збунети, конфликтни и интерно се караат за тоа како е најдобро да продолжат. Резултатите се контрадикторни и неефикасни. Демократите наизменично го прогласија Трамп за фашист и иден диктатор и си честитаа што мирно му ги предадоа уздите на власта; тие се побунија против неговата корупција и неговата подреденост на неизбраниот јужноафрикански милијардер Илон Маск.

Тие ветуваат отпор кон преземањето на државата од страна на трампистите, а потоа ветуваат дека ќе работат со Трамп на она што тие инсистираат дека се нивни заеднички приоритети“.

Како што вели Донеган, во овој момент на американската политика демократите немаат моќ сами да ги поставуваат условите на дебатата или да ги унапредат сопствените приоритети: „Екстремната десница сама може да дава предлози за политики, на кои демократите можат само да ги свртат палците нагоре или надолу. Многумина од нив ги креваат палци нагоре“.

Така изгледаше Србија до излегувањето на студентите на улиците и блокадата на државните универзитети низ земјата. Разединетата и раздробената опозиција од страна на Вучиќ, без идеологија само со отпор заради отпор, а без супстанца, беше лесен залак за претседателот на државата. Особено откако тој ги презеде во свои раце сите можни лостови на моќта.

Срѓан Цвииќ од белградскиот Центар за безбедносна политика, вака го објаснува заробувањето на институциите. „Нашиот режим не ја лиши Србија од нејзиниот демократски систем со една одлука. Не дојде преку ноќ. Прво ги заробија медиумите, па судството, па другите независни институции, па почнаа да местат избори и на крај се обидуваат да ни го одземат правото на слобода на собирање“.

 

Напад преку уметноста

Тоа не е непознат метод во посткомунистичките земји. Во Словачка, од враќањето на популистот Роберт Фицо за четврти мандат како премиер во октомври 2023 година, државата се сврте од запад кон исток и се оддалечува од либералната демократија кон она што изгледа како авторитаризам. Неговата партија Смер освои само 23 отсто од гласовите, но тој успеа да состави коалиција со која ја преобликува земјата за помалку од две години. Тој го затвори специјалното обвинителство кое беше формирано за борба против корупцијата, ја прошири политичката контрола врз државните и медиумите во приватна сопственост, ги исчисти културните институции и ги постави лојалистите на клучните функции и му се додворува на Владимир Путин како политички сојузник.

Нападот врз уметноста во изминатата година е посебна алармантна приказна. Мартина Шимковичова, поранешна ТВ водителка беше назначена за министерка за култура. Шимковичова, членка на екстремно десничарската Словачка национална партија, го постави тонот за нејзината нова улога со изјавата дека „културата на словачкиот народ мора да биде словачка и никаква друга“. Нејзиниот шеф на кабинетот е човек кој се прашува дали Земјата е навистина тркалезна.

Шимковичова брзо се впушти во чистка на големо низ уметноста. Еден од најеклатантните примери на чистката е она што се случи во Словачката национална галерија (СНГ). Нејзината директорка, Александра Куса, ја претвори галеријата во модерна, славна и популарна институција. Но, во август минатата година, кратко по големото отворање на обновените галерии, Куса беше отпуштена.

Ова доведе до јавен протест и оставки на голем број клучни професионалци во СНГ. Два партнерски музеи, од Австрија и Германија, се повлекоа од изложбата што долго време ја планираа заедно со СНГ. Стотици вработени во Националната галерија масовно дадоа откази и најголемиот спонзор ја прекина финансиската поддршка. Како и во секој авторитаризам сите вакви случувања не ја премислија Шимковичова.

„Сега во Словачка можеме да видиме колку се важни институциите – и не само институциите како судовите или полицијата, туку и културните институции на периферијата“, вели Моника Компаникова, писател и уредник. Таа тврди дека одбраната на демократските норми се состои од многу мали битки, кои се водат секојдневно. „Луѓето треба да бидат свесни дека секој чекор преку линијата што ние го толерираме ја поместува таа линија“, вели таа.

Но исклучително е важно како луѓето да препознаат која е таа линија, каде може да оди демократското назадување и кога тој процес преминува во автократија. Антидемократскиот бран тешко може да се сврти ако не е во прашање некаков вид револуција. На Полјаците тоа им успеа во 2023 кога беше соборена десничарската популистичка партија Право и правда, која го подјарми судството и ја претвори државната радиодифузна мрежа во партиско пропагандно гласило.

 

Отпорноста во Полска

Како можеше да се случи тоа? Една од работите е што демократијата покажа отпорност со тоа што медиумите во приватна сопственост ги издржаа сите притисоци, а 70 отсто од нив останаа независни за време на осумте години на владеењето на Право и правда. Паулина Милевска од Хелсиншката фондација за човекови права во Полска, тоа го објаснува вака: „Она што беше корисно за некои медиуми е што основаа свои фондации, така што не мораа ниту да се затворат ниту да се продаваат. Почнаа да добиваат големи донации од богати поединци“.

Токму тие независни медиуми помогнаа да се создадат услови за рекордна излезност на изборите во 2023 година, кои ставија крај на нелибералната ера во Полска. „Имаше околу 30 различни кампањи пред изборите кои велеа: гласањето е кул, гласањето е секси, гласањето е нешто што сакате да го направите“, рече Милевска. И тоа беше еден од важните фактори за промена на играта и за соборување на авторитарната власт.

Дали овие стратегии можат да бидат пораки за демократите во САД? Можат, ако ги прочитаат и ако брзо се прегрупираат. А таму, како што вели Моира Донеган, тие како да не разбираат како функционира сега американската политика, а се нејзин дел.

Американците ја научија лекцијата од обидот на претседателот Ричард Никсон да ја злоупотреби својата моќ. Тој побара разрешување на специјалниот истражител во Министерството за правда, кој стана опасен за него. По јавните протести, Конгресот го принуди да поднесе оставка. И оттогаш, министерството, кое води и кривична постапка, уживаше голема независност од Белата куќа.

Тоа сега е готово, бидејќи Доналд Трамп и неговата нова јавна обвинителка Пем Бонди ставија знаење дека независноста на оваа институција, како еден од столбовите на американската демократија, е завршена работа. Бонди, само што положи заклетва во средата, веднаш формира работна група за истрага на наводната злоупотреба на правосудниот систем како оружје за време на мандатот на Џо Бајден. Таа ќе ги гони и оние што вршеа истрага за упадот на приврзениците на Трамп во Капитолот на 6 јануари. Повеќе од 1.500 луѓе беа осудени, а Трамп ги ослободи на првиот ден од функцијата.

Сега Бонди сака да истражи и дали Министерството за правда и ФБИ прибегнале кон „неовластени истражни методи и неетички обвинувања“. Привремените шефови на двете агенции отпуштија или префрлија десетици високи функционери, а ФБИ мораше да состави список од околу 5.000 агенти кои беа вклучени во истрагата за упадот во Капитол. Бонди јасно стави до знаење што очекува од оние кои ја преживеаја чистката: сите вработени мора да се стават на услуга на претседателот.

Како што забележа познатиот професор по политика на Универзитетот Принстон, Јан-Вернер Милер: „Во ретроспектива, неделите помеѓу изборите и првата извршна наредба на Доналд Трамп изгледаат како лажна војна. Сите знаеја дека нешто лошо ќе се случи, но сепак имаше чувство дека можеби и не е толку лошо. На крајот на краиштата, првите четири години на Трамп беа помалку страшни отколку што предвидуваа набљудувачите. Тоа секогаш беше грешка: амбициозните автократи се најопасни кога ќе дојдат на власт по втор пат. Но, дури и оние кои се подготвуваат за шокови, тешко дека можеле да очекуваат дека Трамп толку отворено нема да го почитува законот и ќе биде деструктивен откако ќе се врати на функцијата“.

И тоа е навистина точно и кога ги гледаме европските примери. Кога Виктор Орбан првпат ја водеше унгарската влада од 1998 до 2002, тоа беше главно неуспешен мандат во кој судството, медиумите и граѓанските организации слободно укажуваа на неговите грешки. Кога се врати на власт во 2010-та, тој веќе знаеше што треба да прави и реши на таа слободна работа на институциите да ѝ стави крај и да ги подјарми, за да владее без контрола, а корупцијата на најблискиот круг околу него да царува. Така беше и со словачкиот премиер Роберт Фицо. Неговите претходни три мандати беа релативно подносливи за словачките граѓани на кои им се допаѓаа неговите левичарски политики по неолибералната десница, која ѝ донесе економски успех на Словачка, но осиромаши многу од нив. Фицо сега се претвори во автократ. Истата ситуација беше и во Полска со Право и правда. Кругот за граѓаните и општеството станува сѐ потесен и погруб кога автократите се враќаат на власт. (dw)

 

Љупчо Поповски

Back to top button
Close