Колку долго Иран може да издржи војна?

Шабнам фон Хајн

Колку долго Иран може да издржи војна со САД и Израел зависи од ракетните резерви, производството на дронови и способноста на режимот да апсорбира масовни удари.

Во тековната војна со САД и Израел, Иран во голема мера е препуштен сам на себе. Режимот во Техеран се потпира пред сè на сопствените ракетни системи и дронови и не најавува никаква намера за капитулација.

Али Лариџани, секретар на Врховниот национален совет за безбедност, на третиот ден од војнатаистакна дека Иран се подготвувал за долготраен конфликт — за разлика од САД. Со тоа ја повтори порака што властите ја испраќаат уште од 28 февруари: „Ќе се браниме, без оглед на цената“.

Од 28 февруари, САД и Израел водат масивна и координирана воена офанзива против Иран, насочена и кон раководството и кон воени и државни објекти.

Иран возврати со ракетни и дрон-напади врз Израел и врз американските бази во државите од Заливот. Според наводите, само Обединетите Арапски Емирати биле изложени на стотици напади од иранска територија.

До 4 март, според адмирал Бред Купер — командант на американската Централна команда (CENTCOM) — Иран испукал повеќе од 500 балистички ракети и над 2.000 дронови. Купер го обвини Техеран дека притоа напаѓа цивилни цели.

Еден експерт за вооружување, кој зборуваше анонимно за ДВ, потврди дека нема прецизни информации за вкупниот арсенал балистички ракети и дронови на Иран. Тој нагласи дека Иран веројатно не би влегол во директен конфликт доколку во октомври 2024 година не го нападнеше Израел со стотици ракети како одмазда за убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, во Техеран.

Токму тој напад ја разоткри слабоста на иранските ракети со долг дострел, кои не ги погодија прецизно целите. Со тоа, ракетниот програм загуби дел од својот капацитет за одвраќање, туку ја премина и психолошката граница во директната конфронтација.

Прес-конференција за одбрана од ирански напади - 3 март 2026 година
Податоци за пресретнувањето на иранските напади од страна на воздушната одбрана на Обединетите Арапски Емирати, 3 март 2026 годинаФотографија: Ryan Lim/AFP/Getty Images

Логистика и производство на ракети и дронови

Во раните фази од нападите врз Иран, израелската војска процени дека земјата располага со околу 2.500 балистички ракети. Освен оние што веќе се употребени, се претпоставува дека дел од залихите биле уништени или затрупани во подземните складишта погодени од американски и израелски бомбардирања.

Сателитски снимки што кружат на интернет прикажуваат наводни удари врз ракетни бази во Керманшах, Карај, Хорамабад и Тебриз. Според снимките, оштетени се влезови во тунели и складишта.

Експертите проценуваат дека мобилните ракетни фрлачи се постојано следени. „Она што пред пет години беше речиси невозможно, денес е изводливо благодарение на технолошкиот напредок“, изјави анонимниот аналитичар. Но, не е познато колку системи навистина се уништени.

Кога би можела да заврши војната со Иран?

Иран, според протечени руски документи, може да произведува околу 5.000 дронови месечно. Производството се изведува во мали и децентрализирани постројки, тешко видливи на сателитски снимки. Дроновите од типот „Шахед“ чинат само неколку илјади долари, додека пресретнувачките ракети „Патриот“ чинат до 3 милиони долари по парче.

Според анализа на Њујорк Тајмс заснована на сателитски снимки и проверени видеа, Иран во текот на изминатиот викенд и понеделник оштетил комуникациски и радарски структури во најмалку седум американски бази на Блискиот Исток. Целта на нападите, според анализата, била нарушување на комуникациските и координациските способности на американската војска. Меѓутоа, прецизната штета е тешко да се процени поради високиот степен на заштита на инфраструктурата.

Се подготвуваат гробови за жртвите по израелскиот напад врз училиште во Минаб, Иран, 2 март 2026 година
Се подготвуваат гробови за жртвите од нападот во градот Минаб.Фотографија: Iranian Foreign Media Department/WANA/REUTERS

Последици за населението и регионот

„Иран ќе се обиде да го продолжи војувањето и игра на факторот време“, вели Фаваз Гергес, професор по меѓународни односи на  Лондонската школа за економија, во интервју за ДВ. Според него, иранските власти се подготвувале за долготраен конфликт и врвен приоритет им е отпорноста.

Најголеми жртви, сепак, трпи цивилното население. Иако САД и Израел тврдат дека таргетираат само воени цели, во густо населени градови невозможно е да се избегнат големи цивилни загуби.

Уште првиот ден, според иранските податоци, беше погодено основно училиште во градот Минаб на југот на земјата. Државните медиуми објавија снимки од масовни погреби за 168 деца на возраст од седум до дванаесет години и нивните наставници. Обединетите нации го нарекоа нападот „апсолутно шокантен“ и побараа независна истрага.

Израел ги негираше наводите дека го погодил училиштето во Минаб, кое се наоѓа околу 40 километри од Оманскиот залив. САД, кои имаат носачи на авиони во Арапското Море, најавија дека ќе ги проверат сите информации поврзани со инцидентот.

 

Back to top button
Close