Колку помош доби Украина и дали нејзините ресурси можат да ја покријат – анализа на Скај Њуз

Од почетокот на руската инвазија во 2022 година, Украина доби значителна меѓународна финансиска и воена помош, при што најголеми донатори се Соединетите Американски Држави и европските земји.

Според анализата на Скај Њуз, САД дале вкупно 114 милијарди евра во различни видови поддршка, додека европските земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, обезбедиле 132 милијарди евра.

Ако се разгледа само воената помош, САД предничи со 64 милијарди евра, додека европските држави колективно имаат дадено 62 милијарди евра.

Сепак, споредено со бруто домашниот производ (БДП) на земјите-донатори, најголем процент од своите економии за поддршка на Украина одвоиле Данска, Естонија и балтичките држави – околу 2 отсто од БДП. САД и Велика Британија, од друга страна, издвоиле околу 0,5 проценти од својот БДП.

Прашањето за враќањето на помошта повторно се актуелизираше откако американскиот претседател Доналд Трамп неодамна изјави дека очекува Украина да „врати“ 500 милијарди долари преку приходи од ретки минерали.

Иако Украина поседува одредени наоѓалишта на ретки елементи, нивната експлоатација е ограничена и скапа. Долги години овие минерални ресурси остануваат неразвиени поради технолошки и економски предизвици. Дури и со целосна експлоатација, експертите сметаат дека Украина не би можела да генерира приходи од стотици милијарди долари, како што посочува Трамп, наведува Скај Њуз.

Освен ретките минерали, Украина има значајни резерви на јаглен во Донбас, железна руда и други суровини, но голем дел од овие ресурси се наоѓаат на територии под руска окупација.

Како ќе се одвива оваа дискусија во иднина зависи од текот на преговорите меѓу Киев и Вашингтон, но за сега не постојат реални економски показатели дека Украина може да ги врати средствата што ги добила исклучиво преку експлоатација на ретки руди и минерали.

Back to top button
Close