Колку се исплати купување на стан во Грција?
Купувањето недвижнини во Грција последните години стана актуелна тема и за македонските граѓани, особено поради близината, туристичката привлечност и можноста за издавање на станови преку платформи како Airbnb. Прашањето „колку се исплати да се купи стан во Грција?“ зависи од неколку фактори – локацијата, цената на имотот, даночните обврски и планот за користење на недвижнината,
Цените на становите во популарните туристички места, како Халкидики, Олимписка Ривиера и островите, варираат од 1.200 до 2.500 евра за квадратен метар, додека во Солун просечната цена е околу 2.200 евра. Во последните пет години, цените бележат пораст поради зголемената побарувачка од странски купувачи, особено од Балканот.
Дополнителен мотив за инвестирање е можноста за издавање на станот на туристи, што може да донесе годишен приход од 4 до 7 проценти од вредноста на имотот, зависно од локацијата и сезоната. Сепак, купувачите мора да ги земат предвид и трошоците – годишен данок на имот, нотаријални и адвокатски трошоци, како и провизии за агенции, објави 4NEWS.mk
За оние кои планираат станот да го користат како викенд-куќа, исплатливоста е повеќе емоционална отколку финансиска – одморот „во сопствено“ секогаш има своја вредност.Но, за оние кои сакаат чисто инвестициски пристап, најисплатливо е купување на имот во региони со стабилен туристички прилив и добра инфраструктура.
Експертите предупредуваат дека е важно купувачите да се информираат за грчките закони и даночни обврски, но и за тоа дали имотот има чиста документација, бидејќи административните процедури можат да бидат комплицирани.
Извор: 4news.mk