Колумбија ја повлече одлуката за прекин на разузнавачката соработка со САД

Министерот за внатрешни работи на Колумбија, Армандо Бендети денеска изјави дека ќе продолжи разузнавачката соработка со САД, истакнувајќи оти „лошо била интерпретирана владината одлука објавена пред два дена“.
Претседателот на Колумбија, Густаво Петро во вторникот нареди прекин на комуникацијата и извршување на други операции со безбедносните агенции на САД, како одговор на американските напади врз бродови во Карипско Мoре и во Тихи Океан.
– Тоа беше лоша интерпретација на колумбиските медиуми и некои владини функционери. Претседателот Петро никогаш не кажа дека американските агенции ФБИ, ДЕА, ХСИ ќе престанат да соработуваат со колумбиските разузнавачки агенции, објави Бенедети на платформата Икс.
Неговата изјава уследи по критиките од опозицијата и од армијата, кои суспензијата ја оценија како апсурдна во време кога Колумбија има рекордно производството на кокаин, а САД се традиционален сојузник во борбата против трговијата со дрога.
Односите помеѓу САД и Колумбија се влошија откако Доналд Трамп дојде на власт на почетокот на годината.
Трамп неодамна го нарече својот колумбиски колега Петро, кој е на власт од 2022 година, „барон на дрога“, му ја одзеде визата и воведе финансиски санкции против него и на неговите соработници затоа што „не направиле ништо за да го спречат“ производството на дрога што се консумира во САД.
Белата куќа, исто така, го одзеде статусот на Колумбија како сојузник во борбата против дрогата.
Според Петро, американските напади врз бродовите, за кои се претпоставува дека транспортираат дрога, се „вонсудски егзекуции“, при што од почетокот на септември се убиени најмалку 76 лица.






