Комерцијална банка: Еклатантни невистини од страна на Љубчо Георгиевски и ВМРО Народна партија за продажбата на поранешната деловна зграда

Реакција на Комерцијална банка АД Скопје на соопштението на ВМРО-НП:

Почитувани,

Комерцијална банка АД Скопје најостро ги демантира изнесените невистини од страна на ВМРО Народна партија во врска со продажбата на поранешната деловна зграда на Банката.

Поранешната деловна зграда на Комерцијална банка АД Скопје е продадена во 2012 година на најтранспарентен начин и во строго регулирана законска постапка по распишан Јавен повик од страна на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија со основен услов во Повикот нето вредноста на набавката да не биде повисока од 1.000 евра по метар квадратен.

Понудата на Комерцијална банка за продажба на три деловни објекти во централното подрачје на Град Скопје со вкупна површина од 22.525 метри квадратни по вкупна цена од 21.736.625,00 евра, на Јавниот повик беше избрана за најповолна од страна на Владата.

Понудата вклучуваше: две административно-деловни објекти кои во тој момент беа во функција на Банката, административна зграда Македонија табак и административна зграда ЕМО АД Охрид. Просечната понудена нето цена изнесуваше 965 евра по метар квадратен. Во истиот период, според анализите на релевантни институции за истражување на пазарот на недвижности, цената на деловни објекти од иста категорија во центарот на Скопје изнесува над 2.000 евра по метар квадратен.

Банката и овозможи на Владата купување на деловните објекти со одложено плаќање на 15 години, со грејс период од 5 години и фиксна каматна стапка од 3,75%, во период кога каматните стапки на пазарот се движеа над 8%. Досега е отплатен износ од 5.970.324,80 евра, а остатокот по истата динамика ќе се отплатува до крајот на 2027 година.

Истакнуваме дека поранешната деловна зграда на Комерцијална банка АД Скопје е продадена пред осум години, а обврската за нејзино тековно и инвестициско одржување е на сегашниот сопственик.

Back to top button
Close