Комерцијални летови и ангажман на владиниот авион – едни од опциите за евакуација на македонските државјани од Блискиот Исток
Една од можностите што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ги разгледува за евакуација на македонските државјани заглавени во Израел е тие со комерцијални летови, а по потреба и со владиниот авион, да се евакуираат во Египет. За граѓаните во Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, зависно од безбедносните и логистичките услови.

„Интензивно се работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати“,информираат од МНР.
Оттаму соопштија дека во изминатиот период преку дипломатско-конзуларните претставништва безбедно е извлечено едно лице од Иран – фудбалер кој преку Турција се вратил во Македонија, а шест македонски државјани од Израел веќе обезбедиле авионски билети од Египет кон Скопје, за што асистирало МНР.
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Во директна комуникација сме со пријателските земји и партнери и преку дипломатско-конзуларните претставништва ги преземаме сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата“,велат од Министерството.
Од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток досега, вкупно 473 македонски државјани побарале евакуација






