Комисија за заштита од дискриминација: Претепано ромче од Прилеп – обвинителството и полицијата не спровеле истрага

Полицијата и Обвинителството за гонење организиран криминал, сториле директна дискриминација кон дете Ром од Прилеп, затоа што не спровеле детална темелна истрага како детето завршило со контузии на главата, градниот кош и грбот и дали тоа е поради употреба на прекумерна полициска сила.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека МВР и одделот во ОЈО ГОКК што ги гони сторителите на кривични дела што имаат полициски овластувања, заеднички сториле директна дискриминација кон детето Ром, и тоа врз основа на етничка и расна припадност.

Настанот се случил на 5 ноември 2021 година. Тогаш во Прилеп, во местото викано „Бункер“ таткото го испратил својот малолетен син Ром да земе некои работи. Откако по подолг период синот не се вратил дома, таткото поитал да го бара и го нашол, со лисици на рацете, со црвенило на вратот и опкружен со полициски службеници и полициско возило.

 

Наводите до Комисијата за заштита од дискриминација се дека „кога полициските службеници го пресретнале малолетникот, физички го нападнале, му нанеле повеќе повреди и му ставиле лисици на рацете“.

Во пријавата до Комисијата за заштита од дискриминација се тврди дека откако му ставиле лисици на рацете, го однеле во близина на место на кое претходно имало инцидент, до натоварено возило со украдени дрва, и бидејќи сметале дека самото дете е дел од поголема организирана група која претходно украла дрва, го терале да каже чие е возилото. Се додава и дека со прекумерна полициска сила, го распрашувале малолетникот чие е возилото на местото и му се заканиле дека ако не каже, ќе станат уште побрутални. Кога таткото пристигнал на местото, ги прашал полицајците зошто го држат неговиот малолетен син, за кој забележал дека е премногу исплашен, со црвенило на вратот и со лисици на рацете. Тој викнал итна помош која му пружила помош на малолетникот па го однела во Општата болница Прилеп. Детето доживеало голем стрес, страв, психичко и физичко страдање, а имало набиеници на главата, градниот кош и долниот дел од грбот.

Родителите на детето од ромска етничка припадност, ги пријавиле полицајците во внатрешна контрола, но и во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал каде се спровела истрага за „мачење и друго сурово или нечовечко или понижувачко постапување и казнување“. Постапката во обвинителството се влечела повеќе од 1 година, за на крајот да биде запрена, со образложение дека немало докази оти полицајците го мачеле детето Ром.

За да дојде до овој заклучок, обвинителството како сведоци ги викнало инспектор од Прилеп и полицаец од Прилеп, самите осомничени полицајци, но и лекарката од Брзата помош Прилеп. Всушност, полицајци сведочеле во одбрана на свои колеги, со кои заедно биле излезени на работна задача, а обвинителството им верувало. Пред обвинителството била викната и докторка од итната медицинска помош, која тврдела дека ниту таа ниту нејзин колега не биле на настанот, иако семејството доставило видео снимка на која убаво се гледа и возилото, и човек облечен во униформа на итната медицинска помош.

Таа тврдела дека ниту таа ниту било кој нејзин колега од итната помош не биле на местото на настанот тој ден, иако семејството доставило видео-снимка на која убаво се гледа како на детето му се пружа итна медицинска помош на местото на настанот. Екипата му дала средство за смирување на детето, за да си дојде на себе од што било истрауматизирано.

Обвинителството констатирало дека не е спорно оти кога детето се јавило на лекар во болницата во Прилеп, имало телесни повреди, но немало докази дека тие се нанесени од полициските службеници. Затоа ја запреле постапката, а семејството се жалело до Вишото јавно обвинителство. И внатрешна контрола во МВР утврдила дека немало докази дека детето е претепано од полицајците.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација донесе и јавно објави мислење со кое се утврдува директна дискриминација врз основа на етничка и расна припадност. Оттаму потсетија и на случаи пред Европскиот суд за човекови права во кои се покажало дека полициската бруталност ниту е доволно испитувана, ниту е соодветно казнувана, а случајот со детето Ром наликувал на нив.

„Неспроведување на темелни истраги, поклонување повеќе верба на искази и извештаи составени од потенцијалните сторители и нивните колеги, одолговлекување на постапувањето и не земање предвид на расната и етничката припадност како можни мотиви за насилничко опстапување, се клучни карактеристики на постапувањето во овие случаи.

Не земањето предвид дека се работи за дете од традиционално маргинализиранаи ранлива група и пропуштањето да се спроведат поригорозни истраги кои ќе ги земат предвид последиците кон менталното здравје и развој на детето се особено загрижувачки“, пишува во мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација.

Комисијата смета дека претставката се однесува на сериозен случај на полициска бруталност кон дете Ром, најверојатно мотивирано од омраза и предрасуди, за кој органите за прогон одбиваат да постапат соодветно, да спроведат темелни истраги и да го заштитат детето. Со ова случајот отсликува проблем документиран и адресиран од страна на повеќе меѓународни тела за човекови права.

Годишниот извештај на американскиот Стејт Департмент за состојбата со човековите права во Македонија за 2023 година исто така нотира дека според веродостојни извештаи во 2023 година имало значително малтретирање од страна на полицијата кон ромската заедница, а дел од случаите воопшто не се ни пријавуваат поради стравот и недовербата од ромската заедница во институциите.

Комисијата за заштита од дискриминација оцени дека МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал не посветиле должно внимание за да ги испитаат пријавите против полициските службеници, односно не спровеле ефективна истрага за наводите на полициска бруталност, воопшто не земајќи предвид дека насилството е можеби расистички мотивирано.

Комисијата не е надлежна ниту располага со доволно факти и докази за да одлучи дали полицајците се сторители на насилството кон детето но со пропуштањето да се спроведат темелни истраги, неземањето предвид на доказите посочени од детето и неговите родители и адвокати, одолговлекувањето на истрагата, неземањето предвид дека делото можеби е извршено поради омраза и предрасуди, МВР и ОЈО ГОКК извршиле дискриминација врз основа на расна и етничка припадност. Ограничувањето се состои во ограничување на заштитата од мачење, понижувачко и нехумано постапување со што се нарушува телесниот, менталниот интегритет и достоинство на детето, пишува во мислењето од Комисијата.

„Антициганизмот во полициското постапување е специфичен проблем со кој се соочуваат Ромите, односно лицата кои не се Роми нема да се соочат со вакво постапување бидејќи ја немаат заштитената карактеристика која е суштествен елемент на овие дела“, пишува Комисијата за заштита од дискриминација.

Комисијата му препорача на МВР и на Секторот за внатрешна контрола да ја повтори постапката за полицајците и да ги земе предвид сите докази, да истражи дали постапувањето било мотивирано од омраза и предрасуди врз основа на расна и етничка припадност и да ги земе предвид препораките за постапување од Европскиот комитет против тортура и нехуман третман за спроведување на ригорозни и темелни истраги. Ним Комисијата исто така им препорача да спроведат обука за постапување во случаи на расно и етнички мотивирано постапување на полициски службеници за вработените во секторот.

Исто така на МВР и на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди им се препорачува да донесат внатрешен акт со прецизни правила за постапување, со цел превенција од постапување засновано на расни и етнички предрасуди и омраза.

На Обвинителството за гонење организиран криминал му се препорачува во случај пак да го разгледува предметот, да спроведе темелна и ригорозна истрага и да ги земе предвид сите докази. И на ОЈО ГОКК му се препорачува да спроведе обука за сензибилизирање на сите вработени за расни и етнички прашања, како и обука за препознавање и постапување во случаи на расно и етнички мотивирано полициско постапување, во согласност со современите стандарди во областа.

Ако МВР и ОЈОГОКК не постапат согласно оваа препорака, Комисијата за заштита од дисркриминација ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.

 

Back to top button
Close