Комисијата за дискриминација наложи извинување за објава со навредлива содржина кон Бугари во Македонија

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека на Фејсбук е сторена интерсекциска дискриминација врз основа на етничка и национална припадност, насочена кон граѓани на Македонија кои се идентификуваат со бугарска национална самосвест.

Предметот се однесува на објава објавена на 16 септември 2024 година, која била споделена и од официјалниот профил на бугарскиот амбасадор во земјава. Во објавата се користеле навредливи и стереотипни квалификации кои, според Комисијата, ја поттикнуваат и продлабочуваат омразата и нетрпеливоста, преку генерализирачки и деградирачки изрази како „второсортни Бугари“, „бугарски жени со комунистичко минато“ и слично.

„Со содржината на објавата се навредуваат, деградираат и демонизираат граѓани на Северна Македонија со бугарска национална самосвест, при што се поттикнува говор на омраза и се создава непријателска и деградирачка средина“, стои во мислењето на КомисијатаКомисијата донесе препорака објавата да биде избришана во рок од 30 дена од нејзиното примање и сторителот јавно да се извини за содржината. Воедно, институцијата апелираше до медиумите и јавноста да се воздржат од слични навреди и омаловажувања кои можат да резултираат со дискриминација врз основа на етничка припадност.

Ова не е прв случај во кој Комисијата констатира дискриминација кон лица со бугарска национална самосвест, предупредувајќи дека повторувањето на вакви дела ја интензивира стигматизацијата и ги крши основните човекови права.

Back to top button
Close