Комисијата за култура на СДСМ со поддршка за протестот на културните работници: Почитувањето на Колективниот договор е законска обврска
Комисијата за култура на СДСМ упати целосна и недвосмислена поддршка до Синдикатот на културата за денешниот протест пред ресорното министерство. Од партиската комисија порачуваат дека гласот на вработените во овој сектор не смее да биде игнориран, нагласувајќи дека излегувањето на уметниците на улица е јасен сигнал за сериозен неуспех на системот.

Во соопштението се потенцира дека почитувањето на Колективниот договор не претставува прашање на добра волја на власта, туку е законска и морална обврска која мора да се исполни. Според Комисијата, недозволиво е луѓето кои го чуваат и пренесуваат македонскиот идентитет да бидат оставени на маргините со нарушени права и понижено достоинство.
Од СДСМ истакнуваат дека културата не смее да се третира како трошок, туку како темел на општествениот развој. Тие порачуваат дека односот на државата кон културните работници мора да биде одраз на вистинските вредности што тие ги создаваат за државата.
Комисијата за култура во својата реакција додава дека останува цврсто на страната на вработените во секторот, оценувајќи ги нивните барања за правда и почит како легитимни и неопходни. Денешниот протест, според нив, е клучна порака дека културата има свој глас кој институциите мора итно да го слушнат






